• понеделник, 18 ноември 2024

МД „Илинден“ ја поздрави одлуката на судот во Пешкопеја за притвор на „издавачите“ на лажни потврди за „бугарско потекло“

МД „Илинден“ ја поздрави одлуката на судот во Пешкопеја за притвор на „издавачите“ на лажни потврди за „бугарско потекло“

Тирана, 24 декември 2023 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“- Тирана, ја поздрави одлуката на судот во албанскиот пограничен град Пешкопеја, кој денеска им изрекол мерка притвор на трите лица вмешани во издавањето лажни потврди за „бугарско потекло“, во административната единица Острени, област Голо Брдо.

- Се надеваме дека полицијата нема да остане со толку. Очекуваме истрагата да се прошири и во други области и населени места каде што оваа појава, повеќе од сигурни сме дека трае неколку години. Со интензивирањето на издавањето лажни потврди, кои ги добиваат албански граѓани од сите етнички заедници, но и другите проблеми кои го следеа пописот, повеќе од сигурни сме дека резултатите нема да ја дадат објективна слика за етничката припадност на популацијата во земјата, оценуваат од друштвото.

Судот на администраторот на единицата, Љуан Мјештри(62) и на Арлин Лимани(33), раководител на секторот за социјални работи и двајцата од Острени, им изрече мерка затвроски притвор, додека на Фитим Бала (61), од селото Требиште, инаку, секретар на Советот на општина Булќиза, мерка „куќен притвор“.

По обелоденувањето на скандалот со лажните потврди, од страна на новинари на Фикс фаре, полицијата ги приведе, а Советот на општина Булќиза, на вонредна седница ги разреши Мјешти и Бала.

Тројцата во соработка издавале потврди за бугарска националност на албански граѓани, за да може да аплицираат за бугарски пасоши и државјанство и тоа го наплатувале до илјада евра.

-Фикс Фаре, со глас и слика докажа колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени и Булќиза, без разлика на етничката припадност. За 100.000 леки новинарите купиле две такви потврди потпишани од администраторот на Острени, Луан Мјештри, кој инаку е брат на градоначалничката на Булќиза, Фестиме Мјештри, се наведува во објавата на емисијата.

Друштво „Илинден“ и единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, ги поздравија откривањето на скандалот и експресната интервенција на полицијата, оценувајќи дека тоа е уште една потврда дека пописот на населението поминал со многу проблеми.

Претседатлот на МАЕИ, Васил Стерјовски, за МИА, вчера изјави дека бараат „проширување на полициската акција и во други општини и региони во Албанија, каде што се одвиваат слични незаконски активности“.

Инаку, според законот за граѓанска евиденција во Албанија е забрането во официјален документ да се внесува национална припадност. вт/цр

 

Фото: принтскрин/ Топ чанел

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан