• недела, 22 декември 2024

МД „Илинден“-Тирана ги осудува обидите на Ковачев за претставување на Македонците како Бугари

МД „Илинден“-Тирана ги осудува обидите на Ковачев за претставување на Македонците како Бугари

Тирана, 24 јуни 2023 (МИА) – Македонското друштво „Илинден“-Тирана, во денешната реакција „најостро ги осудува произволните и крајно навредливи изјави на европратеникот Андреј Ковачев во однос на населението во Гора како бугарско“.

Се додава дека во својство на европратеник, при неговата посета на Република Албанија, Ковачев, на Фејсбук, објавил дека вчера се сретнал со „претставници на бугарска заедница во областа Гора“.

- Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија. Ветува бугарски пасоши по кратка постапка, подмитува изроди од македонското ткиво кои работат во правец на бугарско асимилирање на Македонците итн. Фактот дека ефектот од сите тие фрлени средства за одродување на Македонците во Република Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, стои во реакцијата.

Друштвото посочува дека бугарските власти со сите сили се насочени во правец на насилно побугарување на Македонците во Албанија, а особено во областа Гора.

Секако, нагласува понатаму, посетата на Ковачев е дополнителен притисок врз населението во Гора за негово побугарување, бидејќи тој ја има „во свои раце моќта да лаже и замајува во својство на европратеник“.

Во исто време МД „Илинден“ изразува жалење што највисоките личности на албанската држава дозволуваат да бидат „уценувани од бугарските политички лица и што потклекнуваат пред тие уцени“.

- При тоа, цената на уцените во однос на евроинтеграциите на Република Албанија, политичкиот врв на нашата држава ја плаќа со нашата национална припадност и нашето национално достоинство како Македонци. Ги повикуваме европските институции, кои тврдат дека се темелат на демократското однесување во однос на основните човекови права, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари, но и европратеници во однос на македонското национално малцинство во Република Албанија, апелира друштвото.

Посакува ЕУ да преземе соодветни мерки за да се спречи " понатамошното недолично однесување на Бугарија“.

– Досегашното нереагирање на европските институции кон бугарските, крајно дрски и насилнички атаци врз Македонците во Република Албанија, за нас, како македонско национално малцинство значи дека европскиот дом е дом на насилници кои со силата на моќта смеат да го газат и тероризираат кој сакаат народ на Балканот, во Европа и во светот. Посакуваме, Европската Унија да ги заузди насилниците од Бугарија, стои на крајот на реакцијата на друштвото.

Претходно и единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, најостро ги осуди обидите на европратеникот Ковачев за претставување на Македонците во Гора како Бугари. вт/ир

Остани поврзан