• вторник, 24 декември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 7 март 2024 (МИА) - На 06.03.2024 во 16.20 часот на улица „Крали Марко“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода П.К.(23) од Охрид. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и други предмети со остатоци од марихуана. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 06.03.2024 во 21.45 чaсот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на сообраќајот при СВР Битола ги лишиле од слобода А.М.(40) и И.К.(55), двајцата од Битола. Тие се сомничат дека истиот ден извршиле „тешка кражба“, при што од рудникот Брод – Гнеотино на РЕК Битола одзеле повеќе предмети. При преглед на патничко возило „нисан”, во кое се превезувале, биле пронајдени одземените предмети и биле вратени на сопственикот. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 06.03.2024 во 15.50 часот на ул.„Индустриска” во Битола, полициски службенци од СВР Битола го лишиле од слобода Е.А.(33) од Битола. Тој бил затекнат во магацин на приватна фирма при извршување „тешка кражба“, при што кај него биле пронајдени повеќе одземени предмети. Одземеното било вратено на сопственикот, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на настанот, против Е.А. ќе следува соодветна пријава. 

СВР Скопје - ЕВР Аеродром и Драчево поднесе кривична пријава против E.С. и Ј.С. од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „разбојништво" казниви по член 237 од Кривичниот законик. Пријавените ги сториле делата на 26.01., 13.02. и 01.03.24 во продажни објекти на подрачјето на општина Аеродром, при што со закана кон вработените одзеле пари од дневните промети. 

СВР Скопје - ЕВР Аеродром и Драчево поднесе кривична пријава против И.Ш.и Ј.А. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојничка кражба" казниво по член 238 од Кривичниот законик. На 27.02 2024 во круг на приватна фирма на подрачје на Драчево, пријавените одзеле предмети, а откако биле забележани од две лица, физички нападнале едно од нив, по што со нивното возило удриле во возилото на лицата. 

Секторот за внатрешни работи Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против Т.М.(58) од село Дрвош, општина Босилово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“ и  „проневера во службата“.  На 03.03.2024 на место викано „Боровите“, атар на село Колешино, струмичко, полициски службеници од  СВР Струмица затекнале две товарни возила „застава“ со струмички регистарски ознаки, во кои биле превезувани огревни дрва. Извршен бил увид и во координација со Шумска полиција Струмица било утврдено дека дрвата се нежигосани и без соодветна документација, по што со возилата биле одземени. Во службен разговоро во полициска станица, лицата кои ги управувале возила изјавиле дека огревните дрва ги имаат набрано со знаење и усно одобрение на пријавениот Т.М. –  вработен како референт за дотур и сеча вработен во Јавно претпријатие „Национални шуми“ - подружница Беласица Струмица, за што требале да му дадат паричен надомест од 12.000 денари за секое натоварено товарно возило. Исто така на 03.03.2024, пријавениот во име на друго службено лице вработено во јавното претпријатие извршил пополнување на дозвола за сеча и дотур на огревни дрва за две  лица од струмичко. За овие дотури на огревни дрва, по извршената продажба, двете лица на  Т.М.требале  да му дадат по 12.000,оо денари за секое натоварено товарно возило. При увид во дворните места на лицата во село Куклиш и во село Банско, биле пронајдени огревни дрва, од кои поголем дел биле нежигосани.  Дрвата и возилото, со кое бил вршен транспортот, биле одземени  Со ваквите дејствија, пријавениот предизвикал штета на Јавно претпријатие „Национални шуми“ - подружница „Беласица“  Струмица во висина од  186.200 денари. Тој бил лишен од слобода и изведен пред судија на претходна постапка од Основен суд Струмица. 

На 06.03.2024 во 21.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.С.(33) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 06.03.2024 во 21.15 часот на подрачјето на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Ф.(26) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 06.03.2024 во 11.20 часот на подрачјето на Карпош во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода И.И.(38) од Скопје затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и бела грутчеста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 05.03.2024 во 18.35 часот, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Белановце при Регионалниот центар за гранични работи Север го привеле З.И.(49) од с.Слупчане, општина Липково. Во наведеното време во село Злокуќане, општина Липково, полициските службеници запреле патничко  возило „рено лагуна“ со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал, при обид за илегално преминување на државната граница од Косово во Република Северна Македонија. Додека, при преглед во возилото биле пронајдени повеќе производи за кои не поседувал никаква документација.   Против лицето е поднесен соодветен поднесок.   

Во текот на вчерашниот ден (06.03.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 193 возачи. Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 98 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 95 надвор од населено место. 

Во периодот од 01.02.2024 до 29.02.2024 Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата и неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата. При контролата санкционирани се 177 учесници во сообраќајот, од кои 176 за прекршокот на неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата и една санкција за неовластено вградување и користење за уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци. 

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (06.03.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 159 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 29 санкции, 13 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за користење мобилен телефон при возење, четири мерки за минување на затворен сигнал - црвено светло, пет санкции за управување под дејство на алкохол...  

На 06.03.2024 во 15.40 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица во коритото на Сува Река ги пронашле  Л.Х.(49), Т.Л.(34),  В.Л.(32), Л.Х.(41) и Д.Ј.(31), сите од Народна Република Кина. По извршена проверка и контроал било констатирано дека лицата илегално влегле во државата. Од Основен суд Гевгелија на лицата им била изречена парична глоба и прекршочна санкција - протерување на странец од територијата на РСМ во траење од три години. 

Денеска (07.03.2024) во 02.41 часот во Полициската станица Кочани било пријавено дека на магистралниот пат А3, на место викано „Слатина“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „рено“ со бугарски национални ознаки, управувано од Д.Е.Г.(32) од Република Бугарија и патничко возило „мерцедес“ со швајцарски национални ознаки, управувано од Б.Г.(47) од Виница. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Б.Г. констатирани во Јавната здравствена установа Кочани. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кочани. 

 На 06.03.2024 во 10.40 часот во Полициската станица Центар, Н.М.(45) од Скопје пријавил дека на ул.„Јордан Мијалков“ во Скопје, неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.

На 06.03.2024 во 20.00 часот во Полициската станица Гази Баба, Д.А.(37) од Скопје пријавил дека во населбата Ќерамидница во Скопје, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник. 

На 06.03.2024 во 17.05 часот во Полициската станица Чаир, В.П.(63) од Скопје пријавил дека на  ул.„Качанички пат“ во Скопје бил каснат од куче скитник.    

 

Остани поврзан