• понеделник, 23 декември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Вчера во с. Горно Ботушје, општина Македонски Брод, со судска наредба, полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола извршиле претрес во домот на З.В.(55) во с.Горно Ботушје, при што пронашле и одзеле ловечка пушка и 35 патрони за пушката. Истиот ден, исто така со судска наредба, полициски службеници извршиле претрес и во домот на Н.Ц.(56) од с.Горно Ботушје, при што биле пронајдени и  одземени ловечка пушка и 14 патрони за пушката. По документирање на настаните, против лицата ќе следуваат соодветни пријави.

На 24.10.2024 во 20.45 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Л.Ш.(25) од Куманово затоа што истиот ден на улица „Браќа Миладиновци“ во Куманово одзел чанта на Б.В.(79) од Куманово. Л.Ш. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 24.10.2024 околу 09.00 часот во близина на с.Мрзенци, гевгелиско, кај место викано „Авлаќ“, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Богородица пронашле седум лица мигранти од Сирија, од кои еден малолетник. Поради основано соменине дека сторил кривично дело „криумчарење мигранти“ по член 418 - б од Кривичниот законик. од слобода бил лишен A.A.(23) од Сирија. Тој бил задржан во Полициската станица Гевгелија за понатамошна постапка, а останатите шест лица биле спроведени во прифатен центар за странци во Скопје. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.10.2024 во 23.00 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Т.А.(23) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
 
На 24.10.2024 во 19.45 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.К.(18) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 24.10.2024 во 14.30 часот во Скопје, на подрачјето на Чаир, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ф.С.(18), Н.К.(18), двајцата од Делчево и М.М.(18) од Валандово затоа што кај нив биле пронајдени и одземена марихуана и дробилка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 25.10.2024 во 03.00 часот на ул.„22 Април" во Битола, полициски службеници од СВР Битола  ги лишиле од слобода З.Б.(31) и В.М.(28), двајцата од Битола. При преглед  кај З.Б.биле пронајдена грутчеста материја и марихуана, додека при преглед кај В.М. била пронајдена прашкаста материја. Двајцата се приведени во полициска станица и по документирање на настанот ќе следуваат соодветни пријави.

На 24.10.2024 во 23.00 часот во угостителски објект на улица „Благоја Тоска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го привеле М.А.(26) од Тетово, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна. Тој е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

На 24.10.2024 во 12.00 часот во Полициското одделение Новаци било пријавено дека при извршување градежни работи на локален пат во с.Новаци била пронајдена граната. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување излегол на местото и констатирал дека биле пронајдени 32 гранати калибар 75 мм од Првата Светска Војна, кои биле безбедно подигнати за понатамошна постапка.  

На 24.10.2024 во 18.30 часот на Граничен премин Табановце, на излез од РСМ, полициски службеници го привеле А.А.(31) од Авганистан. При вршење гранични проверки во автобус со грчки национални ознаки, било констатирано дека остварил незаконски влез во државата. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 24.10.2024 во 16.25 часот во СВР Куманово било пријавено дека на локалниот пат кон с.Горно Којнаре, кумановско, патничко возило „сузуки“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.П.(21) од с.Горно Којнаре, удрило во С.Ѓ.(77) од с.Матејче, липковско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Ѓ. констатирани во Општата болница Куманово, по што била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде подоцна починала. Со телесни повреди се здобила С.П. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

На 24.10.2024 во ОВР Прилеп било пријавено дека на ул.„Орде Тутески" во Прилеп, товарно возило „фолксваген крафтер" со скопски регистарски ознаки, управувано од П.А.(38) од Скопје, удрило во пешакот Љ.П.(64) од Прилеп. Во несреќата, пешакот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската болница Прилеп. Увид  на местото на несреќата извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

На 24.10.2024 во 13.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Методија Андонов Ченто“ во Скопје, патничко возило удрило во велосипед управуван од Р.У.(75) од Скопје, по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 24.10.2024 во 15.00 часот во Полициската станица Кавадарци било пријавено дека на ул.„Западен булевар“ во Кавадарци се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од М.С.(41) од Кавадарци и мопед управуван од М.Ј.(34) од с.Манастирец, општина Росоман. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кавадарци.

На 24.10.2024 во 16.10 часот во ОВР Кичево, П.Д.(63) од кичевското село Другово пријавил дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево бил каснат од куче скитник. дма/

Фото:МИА архива

Остани поврзан