• понеделник, 23 декември 2024

Мајсторовиќ за МИА: Северна Македонија ги исполни сите услови, би било чудно ако ЕУ не додели датум во првата половина од годинава

Мајсторовиќ за МИА: Северна Македонија ги исполни сите услови, би било чудно ако ЕУ не додели датум во првата половина од годинава
Скопје, 8 март 2020 (МИА) - Крајно време е Европската Унија да возврати со кредибилитет и веродостојна политика кон Западен Балкан и на оние потези кои ги презедоа во последно време Владите и на Албанија и на Северна Македонија. Извештајот на Европската комисија вели дека двете влади навистина вложија дополнителни напори да ги исполнат неопходните услови и кога ситуацијата е таква што Владата на Северна Македонија ги исполнува условите кои од неа се бараат, би било навистина многу чудно ако Европската Унија во првата половина од годинава не донесе одлука за отворање преговори со Северна Македонија. Ова во интервју за МИА го вели претседателот на Центарот за европски политики на Србија, Срѓан Мајсторовиќ, кој е одличен познавач на приликите во регионот и експерт за европски интеграции. Посочува дека перспективата на Западен Балкан дефинитивно се наоѓа во членство во ЕУ, и според него, оваа перспектива ќе биде дополнително нарушена, доколку уште еднаш се изневерат оправданите очекувања не само на владите, туку и на граѓаните на Северна Македонија и Албанија. Мајсторовиќ од 2004 година бил дел од Српската канцеларија за европски интеграции од нејзиното основање, а од 2005 до 2017 година бил нејзин заменик директор. Во 2015 година бил назначен за член на преговарачкиот тим за пристапување на Србија во ЕУ. Од октомври 2017 тој преминува во граѓанскиот сектор како претседател на Управниот одбор на српскиот Центар за европски политики. Европската комисија оваа недела даде позитивен извештај за земјава и го поздрави напредокот во клучните области и повторно даде зелено светло за почеток на преговори. Колку е реално да добуеме датум до Самитот во Загреб во мај и доколку ЕУ и овојпат не го додели, дали има опасност од подем на евроскептичните струи? - Вестите од Брисел се многу значајни, секако, не само за Северна Македонија и Албанија туку и за регионот во целост. Крајно време е Европската Унија да возврати со кредибилитет и веродостојна политика кон Западен Балкан и на оние потези кои ги презедоа во последно време Владите и на Албанија и на Северна Македонија. Овој извештај вели дека двете влади навистина вложија дополнителни напори да ги исполнат неопходните услови и кога ситуацијата е таква што Владата на Северна Македонија ги исполнува условите кои од неа се бараат, би било навистина многу чудно ако Европската Унија во првата половина од годинава не донесе одлука за отворање преговори со Северна Македонија, до крајот на оваа година. Секоја друга одлука навистина би значела натамошно нарушување на довербата која е начната, така да кажам, во октомври минатата година, бидејќи во тој период навистина не беше фер и праведно што не се отворени преговори ниту со Северна Македонија и со Албанија. Перспективата на Западен Балкан дефинитивно се наоѓа во членство во Европската Унија и оваа перспектива ќе биде дополнително, за жал, нарушена, доколку уште еднаш се изневерат оправданите очекувања не само на владите, туку и на граѓаните на Северна Македонија и Албанија. Европската комисија имаше план до 2025 година да ги вклучи земјите од Западен Балкан. Но тоа изгледа помалку веројатно. Србија и Црна Гора преговараат веќе над шест години, Северна Македонија и Албанија се уште немаат датум. Каква е реално европската перспектива на Западен Балкан, и дали можеби ЕУ има план сите земји да влезат заедно во пакет, да речеме за десет до 15 години? - Мислам дека прашањето за пристапување, односно временски рок за пристапување на која било држава од Западен Балкан е од секундарно значење. Од примарно значење и она што во голем степен ќе го дефинира патот на државите од Западен Балкан кон Европската Унија, од една страна е посветеноста на реформите, и промените кои се насочени кон подобар живот на граѓаните во регионот, да почувствуваат дека институциите ја работат својата работа, дека законот се применува во согласност со принципите на владеење на правото. А од друга страна фактор што ќе влијае на динамиката на натамошното ширење на Европската Унија и се случувањата на самата Унија, на кој начин Европската Унија ќе одговори на предизвиците со кои соочува во овој момент и на кој начин ќе ја проектира својата стратешка иднина. Убеден сум дека местото на сите држави од Западен Балкан е во таква стратешка иднина внатре во Европската Унија, а кога тоа конкретно ќе се случи повторно, напоменувам, зависи од повеќе фактори и никој не може да ви даде точен датум. ЕУ има свои внатрешни проблеми, најавени се внатрешни реформи, геополитички се и односите со Кина, Русија. Колку всушност Унијата, која е оптоварена со други прашања, ќе се посвети суштински на регионот? - Тоа е многу добро прашање и тоа контекст во кој се одвива процесот на проширување на Европската Унија на Западен Балкан и на сите кои се занимаваат со европски интеграции во државите во регионот, мора да бидат свесни дека во овој момент проширувањето се одвива како паралелен процес внатре во внатрешните промени кои мора да дефинираат на кој начин Европската Унија ќе опстане, на кој начин ЕУ ќе се раководи во меѓународните односи и меѓународните услови кои се значително променети. Единствено Европска Унија која е самоуверена, единствено ЕУ која верува во својата иднина може да прифати нови членки од Западен Балкан. А државите од Западен Балкан со своето членство во Унијата мораат да придонесат токму на таа стратешка иднина на Европската Унија. ЕУ не може да има, да се изразам така, стратешка автономија, во одлучувањето во односите кон Кина и Русија, кон Турција, кон случувањата во своето соседство, доколку внатре во географското опкружување има држави кои се нестабилни и не се интегрирани во Европската Унија. Од таа причина секој дијалог за иднината за Европската Унија мора да ги вклучи и граѓаните на Западен Балкан и тука подвлекувам „граѓаните на Западен Балкан“, не исклучиво владите од Западен Балкан, бидејќи сите граѓани и на Македонија и на Србија и на Црна Гора, Босна и Херцеговина, се идни граѓани на ЕУ и тие мора да бидат вклучени во она што е дискусија за иднината на Европската Унија. Господине Мајсторовиќ, Вие учествувавте во преговарачкиот процес кога Србија ги отвори преговорите за членство во ЕУ. Какви искуства би споделиле со нас? Вие сте и дел од граѓанскиот сектор во Србија, претседател сте на Центарот за европски политики. Колку е важно и вклучувањето на граѓанското општество во процесот на преговори и во каква форма? - Од суштинско значење е, штом се завршат изборите во Македонија и идната Влада ги воспостави сите неопходни институционални структури за водење преговори, да ја прилагоди својата национална програма на интеграции на новонастанатата ситуација, на тој начин испраќа многу јасен сигнал до ЕУ дека во низок старт чека почеток на преговори и зелено светло. Што се однесува до вклучувањето на организациите на граѓанското општество, мислам дека тоа е од исклучителна важност, бидејќи иако Владата ќе биде таа што ќе преговара за условите за пристапување на Македонија во Европската Унија, процесот на пристапување се однесува на секој граѓанин на оваа земја. Значи сите оние капацитети што се наоѓаат на универзитетите, во истражувачките институции, во професионалните организации, во стопанските комори, сите тие на некој начин мора да имаат свои претставници во овој процес. Дали тие ќе бидат директно вклучени во преговорите, или ќе бидат настрана и ќе го следат процесот и ќе ја информираат јавноста, и ќе ја критикуваат Владата во случај на недоволно успешни реформи, тоа останува на македонското општество да одлучи. И затоа мислам дека е многу важно да се отвори една широка дебата штом ќе завршат изборите за тоа на кој начин граѓанското општество ќе биде вклучено во процесот на пристапни преговори со Европската Унија. Неда Димова Прокиќ Фото: Дарко Попов Видео: Андреј Бранковиќ https://www.youtube.com/watch?v=0tEV5eSL6zY

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан