• понеделник, 23 декември 2024

Масовно посетен фестивалот Лолапалуза во Чикаго, експертите загрижени поради ширењето на вирусот  

Масовно посетен фестивалот Лолапалуза во Чикаго, експертите загрижени поради ширењето на вирусот  

Вашингтон, 29 јули 2021 (МИА) - Лолапалуза, еден од најголемите музички фестивали во САД, започна денеска во Чикаго со масовна посетеност на десетици илјади фанови, но здравствените експерти во земјата во настанот гледаат голема опасност, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Градските власти до последен момент, до мај, не знаеја дали да се одобри, но, сепак, решија фестивалот да оди во полн формат. 

Експертите сметаат дека фестивалот може да биде „супер ширител“ на коронавирусот во тесно насобраните големи групи пред сцените.  

Четиридневниот фестивал се очекува да биде најмасовно посетен настан во САД по избувнувањето на пандемијата лани.

На настанот, кој се одржува во чикашкиот Грант парк, ќе настапат 170 музички бендови на осум сцени и се очекува да дојдат околу 100.000 посетители. 

При влез организаторите бараат доказ за вакцинација или негативен коронавирус тест за невакцинираните. Невакцинираните мора да носат маски насекаде.

Загриженоста кај градските власти е поголема со ширењето на позаразниот Делта сој, што може лесно да се појави во вакви собрани големи групи, без разлика што се на отворено.  

Летните музичи фестивали беа целосно одминати во САД во екот на пандемијата лани, но за радост на многумина ова лето повторно се организираат со зголемениот број вакцинации и олабавените мерки во повеќе држави. Сепак, експертите предупредуваат дека поотпорниот Делта сој, кој се појави во сите 50 држави, може лесно да избувне во масовно посетените концерти во живо кои можат да станат „супер ширители“. 

Тоа е возможно дури и во добро проветрени места под отворено небо.  Постои загриженост дека посетителите на концертите нема да го држат потребното физичко растојание кога се прават големи метежи и кога сите танцуваат, пеат или пијат. Ризици постојат на места како влезови, чекање пред тоалети или местата најблиску до сцената каде луѓето се собираат во мошне тесен простор и се туркаат еден со друг. 

Лори Лајтфуд, градоначалничката на Чикаго, на Твитер соопшти: „Сакаме да се забавувате, но ве молам почитувајте ги правилата и условите и продолжете да го заштитувате Чикаго“. кб/паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан