• четврток, 27 јуни 2024

Маски од круша за нега на кожата и косата

Маски од круша за нега на кожата и косата

Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - Крушата е прекрасно овошје за компот, џем и десетици други видови рецепти, но лесно може да се вклучи и во домашната козметика. Маските од круша многу благотворно делуваат на кожата бидејќи ја смируваат, негуваат и ги отстрануваат митесерите („црнки“).

Лесен рецепт за овој природен мелем е мешањето на крушката со маслиново масло и мед. Овие три состојки се комбинираат така што - зрела круша се гмечи, па се меша со по една супена лажица мед и маслиново масло. Добиената маска се нанесува на лицето и почекајте 15 минути. Тоа потоа се мие со топла вода.

Може да се направи и домашен пилинг за подлабинско чистење на кожата. За тоа се потребни половина лажичка овес, две лажици сок од лимон и една пасирана круша. Добиената маска, нежно се втрива со кружни движења, па се остава да делува неколку минути, а потоа повторно се масира при одмивањето. Крушата и овесот ќе ги отстранат митесерите, а лимонот е за избелување - неговиот сок ќе помогне да се отстранат пигментните дамки и лузните од акни. Доколку човекот има помрсна кожа, се препорачува маска со белка од јајце и половина круша. Тоа се меша во блендер. Мазната смеса на лицето стои најмалку 15 минути. Слична  делотворност има и рецептот со пире од круша, лажица јогурт и неколку капки бадемово масло. За освежување на косата, пак, се препорачува маска со круша и оцет. Овошјето, секако, се гмечи, се додаваат две лажици јаболков оцет и малку вода. Тоа се меша сè додека не се добие еднолична смеса. Таа се нанесува по цела должина на косата и се остава 20 минути. Може и да се покрие со капа за туширање или ќеса. Потоа косата убаво се мие со шампон. Се препорачува ова да се прави двапати неделно, барем наесен. Крушата благотворно делува и на виткана коса, ако се помеша со три лажици маслиново масло. Оваа комбинација освен што ја храни косата, ќе помогне и за полесно чешлање.  си/паг/

Остани поврзан