• недела, 22 декември 2024

Маса ја тужи Формула 1 за заговор против него во 2008 година и бара да му се додели шампионската титула

Маса ја тужи Формула 1 за заговор против него во 2008 година и бара да му се додели шампионската титула

Лондон, 18 август 2023 (МИА) - Адвокатите на поранешниот Ф1 возач Фелипе Маса официјално поднесоа тужба против Формула 1 и Светската автомобилистичка федерација барајќи значителна отштета. Штетата била претрпена како резултат на наводен „заговор“ кој на Маса му ја одзеде шампионската титула во 2008 година.

 

Според Ројтерс, во писмото за побарување се вели дека на Бразилецот незаконски му била одземена титулата како резултат на постапките на повисокото раководство, што го чинело десетици милиони евра загубени приходи и бонуси. Маса ги информирал своите адвокати во Велика Британија, Бразил, САД, Швајцарија и Франција.

 

Писмото за побарување е задолжително формално правно известување, чие поднесување е потребно за започнување на судски спор.

 

Формула 1 и ФИА одбија официјални коментари, наведувајќи го фактот дека шампионатот моментално е на летна пауза.

 

- Едноставно кажано, Маса е вистинскиот шампион во Формула 1 во 2008 година, а Формула 1 и ФИА намерно го игнорираа недоличното однесување што му ја одзеде титулата. Во оваа фаза, Маса не може целосно да ги процени загубите што ги направил, но, според неговите прелиминарни процени, сумата може да надмине десетици милиони евра. Во исто време, оваа сума не ги покрива сериозните морални и репутациски загуби што ги претрпе Маса, стои во извадок од официјалното писмо од адвокатите на Маса.

 

Ова писмо беше упатено до директорот на Формула 1, Стефано Доменикали и претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулејем.

 

Во писмото, исто така, се наведува дека во случај Маса да не добие задоволителен одговор на своите тврдења, тој има намера да оди на суд за да добие надомест за штетата што му е нанесена.

Маса е жртва на контроверзната трка за Големата награда на Сингапур во 2008 година. Тој водеше на трката кога Нелсон Пике Џуниор, како што подоцна се покажа, намерно удри со својот болид во 14-от круг од трката. Несреќата доведе до појавување на безбедносно возило на патеката, кое му одеше во прилог на тимскиот колега на Пике во Рено, Фернандо Алонсо, кој на крајот стана победник на трката. Маса поради неуспешен пит стоп воопшто не успеа да освои поени. На крајот на сезоната, Маса ја загуби титулата од Луис Хамилтон, разликата беше еден поен. зс/

 

Фото: ЕПА

Остани поврзан