• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ: Регионалната соработка на Западен Балкан за Планот за раст е оптимален начин за подготовка за полноправно членство во ЕУ

Маричиќ: Регионалната соработка на Западен Балкан за Планот за раст е оптимален начин за подготовка за полноправно членство во ЕУ

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска на заедничкиот состанок на вицепремиери и министри за европски прашања на Западен Балкан во Тирана ги истакнал предностите и приоритетите на Северна Македонија во фаза на финализирање на стратегијата за Планот за раст со која се дефинирани главните насоки за спроведување на Планот.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ на состанокот посветен на проширувањето, ја нагласил детерминираноста за полноправно членство во ЕУ, преку усогласување со политиките и приоритетите на ЕУ, особено преку Планот за раст за Западен Балкан.

-Препознавајќи го значењето на директивите и одлуките на ЕУ, Северна Македонија ветува целосна усогласеност со препораките на ЕУ и резолуциите на Советот. Отворањето на пристапните преговори во јули 2022 година внесе нов моментум на патот на нашата држава кон ЕУ, со успешно завршување на скрининг процесот по што се отвораат можностите со Планот за раст со забрзани напори за усогласување со ЕУ. Ние сме целосно посветени на реализација на нашата стратешка цел за членство во ЕУ, изјавил Маричиќ, нагласувајќи ја посветеноста на Владата за Планот за раст за Западен Балкан.

-Со континуирани напори за усогласување на националното законодавство, Северна Македонија може да се пофали со одлично ниво на усогласеност со правото на ЕУ, достигнувајќи околу 45-50 проценти при што одредени поглавја ги надминуваат очекувањата, рекол Маричиќ.

Реформската агенда на која, како што се посочува во соопштението, се работи во секојдневна координација со службите на Комисијата, го покажуваат амбициозниот, но сепак реален пристап на Северна Македонија кон реформските приоритети.

Вицепремиерот Маричиќ ја истакнал важноста на состаноците посветени на Планот за раст, со кој секоја од државите од Западен Балкан работи на својата подготвеност и изразил оптимизам кон усвојувањето на клучните регулативи од Планот за раст, реформската агенда, нагласувајќи ја потребата од практични алатки за да се забрзаат реформите и да се дадат опипливи резултати за граѓаните.

Маричиќ детално ги објаснил областите во кои ќе се превземат конкретни мерки, а се поврзани со приоритетите на Планот за раст, односно ја споменал одлуката за формирање на Структура за спроведување на Планот за раст за Западен Балкан 2024-2027 година и Реформската агенда согласно насоките на Европската комисија, која ќе претставува сеопфатен и кохерентен пакет на мерки за постигнување на предвидените цели, која ќе ги опфаќа следните области: управување/реформа на јавна администрација и управување со јавните финансии, дигитална, енергетска/ зелена транзиција, човечки капитал, деловно опкружување и владеење на правото. вг/бак/

Фото: СЕП

Остани поврзан