• недела, 22 декември 2024

Маричиќ - Копман: Членството на Северна Македонија во ЕУ не е само геополитичко прашање, туку и сведоштво за заедничките вредности  

Маричиќ - Копман: Членството на Северна Македонија во ЕУ не е само геополитичко прашање, туку и сведоштво за заедничките вредности  

Брисел, 13 февруари 2024 (МИА) – Вклучувањето на Северна Македонија во Европската Унија не е само прашање од геополитичко значење, туку и сведоштво за заедничките вредности на демократијата, стабилноста и просперитетот што ги застапува ЕУ, порача денеска генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата (ГД НЕАР), Герт Јан Копман на средбата во Брисел со првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ. 

- Тоа претставува можност за Северна Македонија дополнително да ги зајакне своите демократски институции, да го подобри економскиот развој преку Планот за раст, како и да ја поттикне регионалната соработка, истакна Копман. 

Маричиќ, од своја страна нагласи дека, наша цел е полноправното членство во ЕУ, при што сме свесни дека процесот на пристапување бара посветеност, реформи и соработка. 

- Северна Македонија постигна значителен напредок во исполнувањето на критериумите поставени од ЕУ, што е императив за да продолжиме да работиме заеднички, до реализација на заедничката визија за обединета и просперитетна Европа, додаде Маричиќ. 

Тој, притоа, ги потенцира и повеќекратните придобивки од идното членство на Северна Македонија во ЕУ, како за граѓаните, така и за европската заедница. 

Копман и Маричиќ ја нагласија посветеноста на двете страни за поддршка и заложба за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, за што доказ се заедничките напори за обезбедување на европска иднина за земјава и за развој на регионот. 

Претходно денеска, Маричиќ се сретна со белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија Хаџа Лабиб, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, како и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската службата за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец, а предвидено е да има средби и со дипломатскиот советник на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел за надворешна политика, Симон Мордју.  

Доцна попладнево, Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе го придружуваат претседателот на техничката Влада, Талат Џафери на средба со заменикот генерален секретар на НАТО, Мирчеа Џоана во седиштето на Алијансата во Брисел. 

Средбата со Џоана ќе биде прва во рамки на работната посета на Џафери на Брисел, која продолжува утре со разговори со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со членови на Европарламентот. сп/бак/

Фото: СЕП

Остани поврзан