• вторник, 17 декември 2024

Маричиќ-Албарез: Северна Македонија го засилува европското темпо за реформи и фондови, уставните измени клучни за тоа

Маричиќ-Албарез: Северна Македонија го засилува европското темпо за реформи и фондови, уставните измени клучни за тоа

Скопје, 14 април 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, кој е во еднодневна официјална посета на Северна Македонија.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ на почетокот за заблагодари за поддршката што Шпанија ја дава на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и укажа дека меѓусебната поддршка, како и добрите билатерални односи, го потврдуваат искреното пријателство меѓу Северна Македонија и Шпанија, кое следната година слави 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави.

- Поддршката од Шпанија за евроинтегративниот процес и реформите продолжува, за нас е клучно на време да ги завршиме нашите обврски. Шпанското претседателство со Европската Унија ќе одигра огромна улога за нашиот напредок во следната фаза на преговорите и нашата позиција во пакетот за следното проширување на ЕУ, рече Маричиќ на состанокот.

Министерот Албарез Буено потврди дека Северна Македонија може да смета на поддршката за забрзување на преговорите со ЕУ и дека не е случајна неговата посета на регионот, во пресрет на шпанското претседателство со Унијата.

Маричиќ го брифираше шпанскиот министер за текот на скрининг процесот, а во таа насока Албарез посочи дека Северна Македонија има напредок и дека го засилува европското темпо за повеќе фондови и брзи реформи, но дека уставните измени остануваат клучни за брзата интеграција на државата во ЕУ.

Соговорниците изразија верување дека скринингот ќе помине во најдобар ред и во планираниот временски рок, како би можеле за време на нивното претседателство со ЕУ, заедно да работиме на следната фаза на преговорите со ЕУ и отворањето на Кластерите.

Вицепремиерот Маричиќ и главен преговарач со ЕУ го запозна Албарез со новата иницијатива на министрите за евроинтеграции од земјите на Западен Балкан, кои следниот месец треба да се сретнат во Белград, за да ја договорат заедничка соработка во преговорите со ЕУ и настапување пред Европската комисија, која Албарез ја поздрави и за посака успех, стои во соопштението на СЕП.

Маричиќ кој е и национален координатор на ИПА се заблагодари на Шпанија за нивниот интерес за поддршка на клучни проекти во областа на заштитата на животната средина и пред се Охридското Езеро и за соработката преку Твининг инструментот, конкретно за финансиската помош да се имплементира проект за усогласување на работењето во согласност со поштенската директива на ЕУ, во вредност од 600.000 евра, кој заврши во 2022 година.

- Одличните билатерални односи и соработка која ја имаме во реализација на реформите, во многу области преку ИПА програмата, од денеска ја продлабочуваме и во процесот на пристапните преговори со ЕУ, што ја потврдува поддршката и искреното пријателство помеѓу двете држави, истакна Маричиќ.

Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ остварил и тет-а-тет средба со министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хосе Мануел Албарез Буено, на која биле отворени важни теми поврзани со европската перспектива на регионот и поддршката на земјите членки на ЕУ за брз напредок на Северна Македонија.

Министерот Албарез Буено, денеска со неговата посета на Скопје ја заврши турнеја во регионот, во чии рамки ги посети и Република Србија и Албанија. нд/вј/

Фото: СЕП

Остани поврзан