• петок, 22 ноември 2024

Манчевски: Само дел од западноевропските земји имаат електронски регистар на населението каков што имаме ние

Манчевски: Само дел од западноевропските земји имаат електронски регистар на населението каков што имаме ние
Скопје, 15 мај 2020 (МИА) - Нашата земја има електронскиот регистар на населението, нешто што ретко го имаат и дел од западноевропските развиени земји, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. - Ние го имаме активен регистарот на население, го имаме активен порталот за електронски услуги. Имавме 10.000 активни корисници пред почетокот на кризата, а откако почна кризата имаме 17.000 активни корисници. Еден милион граѓани во овој момент имаат пристап и валиден законски основ да добиваат електронски услуги преку порталот за електронски услуги, додаде вечерва Манчевски при гостување на Телевизија Телма. Тој нагласи дека благодарение на платформа за достава на електронски услуги на граѓаните, земјава беше во можност дозволите за движење во периодот на криза да ги издава единствено и само електронски. - Дали сте свесни дека од први овој месец имаме функционален електронски рецепт. Ова веќе функционира, не е „ЌЕ“, ова функционира. Самите хронични болни немаат потреба да одат во аптека, туку имаме изграден систем на меѓусебна електронска комуникација во која што може и друго лице да оди и да го подигне лекот, додаде Манчевски. Тој потсети дека во време на корона кризата земјава потпиша договор со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, со што стана дел од програмата Решенија за интероперабилност на јавните администрации, бизнисот и граѓаните (ИСА). - За да станете дел (од неа) треба да исполните одредени критериуми и услови, не ве пуштаат туку така. Тоа е иницијатива од страна на ЕУ во која што членуваат само земји членки на ЕУ и Северна Македонија и Црна Гора и никој друг што ги исполнил критериумите за интероперабилност меѓу институциите, истакна Манчевски. Според министерот, сопствениците на големите компании можеа да издржат барем два-три месеци, имајќи ги предвид нивните финансиски резултати, и за врема на епидемијата на Кобид-19 да не ги намалат платите на вработените. - Ако продолжи кризата понатаму, апсолутно сите треба да се соочиме со солидарност, еве почнавме лично од нас, меѓутоа не го гледаме тоа во општеството, да бидам искрен. Ние на најсилно погодените области им доделивме по 14,500 денари по вработен, тоа го добија и медиумите, рече Манчевски. Тој посочи дека Владата донесе Уредба за намалување на кратење на платите на избрани и именувани функционери на ниво на минимална плата, но Уставниот суд ја укина оваа Уредба. - Од свои лични и себични побуди, заради своите плати, Уставниот суд реши дека избраните и именуваните функционери не треба да имаат намалување на платите. Сега ние се уште бараме правен начин како ова да го регулираме за да биде Уредба, а во меѓувреме ги донираме нашите плати во фондот за борба со вирусот Ковид-19 до нивото на минимална плата, истакна Манчевски. Тој нагласи дека ако продолжи економската криза ќе мора да се преземат одредени чекори и во јавниот сектор, апелирајќи до сите што имаат високи плати да ги донираат во Фондот за борба со корона вирусот. -  Сите кои сметаат дека треба да ја покажат својата солидарност, апсолутно можат да донираат средства, потенцира Манчевски. сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан