• петок, 22 ноември 2024

Макрон: Свеченото отворање на Олимпијадата на Сена може да биде преместено од безбедносни причини

Макрон: Свеченото отворање на Олимпијадата на Сена може да биде преместено од безбедносни причини

Париз, 15 април 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз, планирани да се одржат на реката Сена на крајот на јули, би можела да биде преместена на стадионот „Стад де Франс“ доколку се оцени дека безбедносната закана е превисока.

Во интервју за француски медиуми Макрон рече дека француските безбедносни сили ќе бидат мобилизирани „на вонредно ниво“ за да се осигура безбедноста на настанот на отворено.

- Ако оцениме дека ризиците се превисоки, имаме резервни сценарија, рече тој. Со цел да се ограничи безбедносната закана, организаторите би можеле да одлучат да ја скратат парадата на учесниците на Олимписките игри и „дури да го преместат целиот настан на Стад де Франс“.

Церемонијата на отворањето на Олимпијадата во Париз, закажана за 26 јули, треба да биде првата досега одржана надвор од стадион. Според сценариото, околу 10.500 спортисти ќе продефилираат со чамци долж Сена по патека долга шест километри.

Организаторите првично планираа грандиозна церемонија на отворање за околу 600.000 луѓе, од кои повеќето ќе ја следат акцијата бесплатно од брегот на Сена. Но, безбедносните и логистичките проблеми ја наведоа владата постепено да ги намалува своите планови, па на почетокот на оваа година вкупниот број на гледачи се намали на околу 300.000. ссм/

фото: архива

Остани поврзан