• недела, 22 декември 2024

Македонско традиционално јадење и народна носија од Мала Преспа претставени на настан во Тирана

Македонско традиционално јадење и народна носија од Мала Преспа претставени на настан во Тирана

Тирана, 21 јуни 2023 (МИА) -  Македонското друштво „Сонце" денеска во Тирана  учествуваше на активност во рамки на проектот „Иднината е во потеклото", поддржан од Комитетот за национални малцинства при владата на Албанија.

На настанот организиран од припадниците на  грчкото малцинство, кој се одржа на фармата Фустанела-Петрела, претставниците на малцинствата се претставија со традиционална храна и носии.

-За нас, како и за другите малцинства, ова е многу значаен настан, каде може да  презентираме дел од нашата традиција. Овој пат, како што се гледа,  се претставивме со традиционалото јадење на Македонците од Мала Преспа,  тава со крап, што е наш специјалитет, надалеку познат, како и со традиционалните носии од Мала Преспа, рече за МИА Васил Стерјовски, претседател на друштвото.

Присутните покажаа забележлив интерес за македонскиот штанд, а добар дел од нив вкусија од храната.

На активноста учествуваа и дипломати од дипломатскиот кор и претставници од централната и локалната власт.

Претседателката на Комитетот, Константина Бежани, ги поздрави присутните и вети продолжување на поддршка за активности на малцинствата, во зачувување на нивниот етнички, јазичен, културен идентитет.

На настанот присуствуваше и вториот човек во Македонската амбасада во Тирана, Лутвим Cпахиу, кој ги поздрави присутните, како и Марјана Костофски, претставник на македонската заедница во Комитетот за национални малцинства. 

Со Македонците од Мала Преспа беше и Васил Јанкула, попознат како Преспанскиот херој. вт/хс/


Фото: МИА

 

Остани поврзан