• петок, 05 декември 2025

МАИ ја организира втората Фелоушип-програма за време на Саемот на книгата 2025

МАИ ја организира втората Фелоушип-програма за време на Саемот на книгата 2025

Скопје, 9 мај 2025 (МИА) - Уредничка во издавачка куќа „Ботега еранте“ од Италија Елиса Копети, менаџерка за авторски права во издавачката куќа „Фрактура“ од Хрватска Нева Сердаревиќ, како и основачка на „Љубљана бук академи“ и уредничка во издавачката куќа „Супер заложба“ од Словенија, Сења Пожар се годинашните учеснички на Фелоушип-програмата, што ја организира Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), од 9 до 11 мај, во рамки на Саемот на книгата.

Како што соопштија од МАИ, во програмата ќе биде вклучен и Ивица Баковиќ, истакнат преведувач од македонски на хрватски, кој е на двонеделен престој во Скопје преку мрежата „Традуки“, во организација на издавачката куќа „Готен“.

-По отворениот повик, на кој се имаа пријавено повеќе од 70 издавачи, уредници, преведувачи и книжевни агенти од светот, работната група на МАИ избра тројца учесници, пред кои би сакале да го претставиме македонското издаваштво и нашата книжевност. Учесниците на програмата ќе можат одблизу да го видат Саемот на книгата и да ги запознаат македонските издавачи, велат од МАИ.

Како што посочуваат, во рамки на програмата се предвидени: организирана прошетка низ Саемот на книгата и средби со издавачите на штандовите, деловни состаноци со македонски издавачи, презентација на Конкурсот за странски преводи на македонски автори на Министерството за култура и туризам на Северна Македонија, панел-дискусија за време на саемот во којашто ќе учествуваат учесниците на Фелоушип-програмата, како и неформални дружења со македонски писатели, издавачи, преведувачи и туристичка тура низ Старата чаршија и центарот на Скопје, која ќе ја води нашиот писател Васко Марковски.

-Целта на Фелоушип-програмата е да ги запознаеме учесниците, кои се уредници, издавачи и преведувачи, со нашето издаваштво, со трендовите во современата македонска книжевност, со нашите најистакнати писатели и да им „откриеме“ дела што можат да ги внесат во својата издавачка програма. Воспоставувајќи директен контакт и лични релации ќе ја зголемиме меѓународната соработка на нашите издавачи и продажбата на авторски права за книги од македонски автори, соопшти претседателот на Македонската асоцијација на издавачи, Бојан Саздов.

Фелоушип-програмата и оваа година е поддржана од Министерството за култура и туризам.бт/ев/

Фото: Македонска асоцијација на издавачи

Остани поврзан