ЛШ: Победи на Реал Мадрид и Манчестер сити
- Домашни победи донесоа двата воведни четвртфинални натпревари во Лигата на шампиони (ЛШ), откако фудбалерите на Реал Мадрид триумфираа вечерва над Ливерпул со 3:1 (2:0), додека Манчестер сити
Мадрид, 6 април 2021 (МИА) – Домашни победи донесоа двата воведни четвртфинални натпревари во Лигата на шампиони (ЛШ), откако фудбалерите на Реал Мадрид триумфираа вечерва над Ливерпул со 3:1 (2:0), додека Манчестер сити со гол во самиот финиш ја совлада екипата на Борусија Дортмунд со 2:1 (1:0).
Шпанскиот првак веќе на полувреме имаше предност од два гола преку Жуниор Винисиус во 27. минута и Марко Асенсио во 36. минута. Мохамед Салах беше прецизен за Ливерпул во 51. минута, но Винисиус во 65. минута ги врати двата гола предност на Реал пред реваншот во Англија.
Манчестер сити го отвори резултатот на домашен терен против бундеслигашот Борусија Дортмунд преку Кевин Де Брујн во 19. минута, одржувајќи ја предноста до 84. минута кога Марко Ројс израмни на 1:1. Сепак, тимот на Пеп Гвардиола обезбеди предност пред реваншот благодарение на Фил Фоден во последната минута од натпреварот.
Утре на програмата се првите четвртфинални пресметки во преостанатите две двојки меѓу Баерн Минхен и ПСЖ и Порто – Челзи. ег/зс/