• четврток, 13 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Лу Шаје: Згрозен сум од тоа како Трамп се однесува кон сојузниците во Европа

Лу Шаје: Згрозен сум од тоа како Трамп се однесува кон сојузниците во Европа

Пекинг, 6 март 2025 (МИА) - Специјалниот претставник на Кина за европски прашања, Лу Шаје, денеска изјави дека е „згрозен“ од начинот на кој претседателот Доналд Трамп се однесува кон сојузниците во Европа, додавајќи дека мировниот договор за Украина не треба да го одредуваат само САД и Русија.

„Кога ќе погледнете како администрацијата на Трамп започна дрска и доминантна политика кон Европа, третирајќи ги своите сојузници на ваков начин, искрено, од европска перспектива, тоа е прилично ужасно“, рече Лу.

„Верувам дека европските пријатели треба да размислат за тоа и да ги споредат политиките на администрацијата на Трамп со политиките на кинеската Влада. Со тоа ќе видат дека дипломатскиот пристап на Кина го нагласува мирот, пријателството, добрата волја и соработката меѓу двете страни“, додаде тој.

Лу го рече ова на маргините на панел-дискусијата со други високи дипломати за време на годишната сесија на највисокото советодавно тело на Политичката консултативна конференција на кинескиот народ (CPPCC) во Пекинг.

Тој се осврна и на разговорите меѓу САД и Русија, нагласувајќи дека секој мировен процес мора да вклучува признавање и учество на сите релевантни страни, вклучително и европските нации.

„Различни предложени решенија треба да бидат предмет на рамноправна дискусија, наместо да бидат диктирани од неколкумина избрани“, заклучи тој. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан