Лула: Трамп нема право да им се заканува на други земји
- „Трамп нема право да станува наутро и да се заканува на земја“, изјави бразилскиот лидер за шпанскиот дневен весник Ел Паис, истакнувајќи дека според американскиот Устав, претседателот ја дели одговорноста за војната и надворешната политика со Конгресот.
Мадрид, 16 април 2026 (МИА) - Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, денеска го критикуваше својот американски колега Доналд Трамп, изјавувајќи дека тој „нема право“ да им се заканува на други земји, пренесуваат француските медиуми.
Коментарите на Лула дојдоа откако Трамп овој месец го предупреди официјален Техеран дека „цела нивна цивилизација ќе биде уништена“ доколку не ја отвори Ормуската Теснина.
„Трамп нема право да станува наутро и да се заканува на земја“, изјави бразилскиот лидер за шпанскиот дневен весник Ел Паис, истакнувајќи дека според американскиот Устав, претседателот ја дели одговорноста за војната и надворешната политика со Конгресот.
„Од клучно значење е моќните лидери да преземат поголема одговорност за одржување на мирот“, додаде 80-годишниот Лула.
Француските медиуми пренесуваат дека левичарскиот бразилски претседател и неговиот 79-годишен американски колега, десничарски популист, се судираат по низа прашања, вклучувајќи ги мултилатерализмот, меѓународната трговија и борбата против климатските промени.
Односите меѓу Бразилија и Вашингтон остануваат затегнати и покрај минатогодишната средба меѓу двајцата претседатели, што доведе до мало ублажување на тензиите и намалување на царините.
Лула го повтори својот повик за реформа на Советот за безбедност на Обединетите нации, вклучително и укинување на правото на вето на петте постојани членки на телото и вклучување на повеќе земји од Африка и Латинска Америка.
„Време е да се редефинираат Обединетите нации за да им се даде кредибилитет“, рече Лула, осврнувајќи се на критиките на американскиот претседател дека меѓународниот систем воспоставен по Втората светска војна повеќе не функционира.
Лула разговараше со „Ел Паис“ пред неговата посета на Шпанија, каде што ќе се сретне со шпанскиот премиер Педро Санчез и ќе учествува на форум на прогресивни лидери.
Се очекува на состанокот во сабота во Барселона да учествуваат и мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и нејзиниот јужноафрикански колега Сирил Рамафоса.сд/јт/
Фото:МИА архива