• понеделник, 23 декември 2024

Лога: Судскиот дел во Турција за екстрадицијата на Палчо е завршен, останува само административниот

Лога: Судскиот дел во Турција за екстрадицијата на Палчо е завршен, останува само административниот

Скопје, 15 март 2024 (МИА) - При нашата официјална посета во Турција ни беше кажано дека судскиот дел во врска со екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо кај нив е завршен и останува само административниот дел. Според нивните правила, мора прво таму да се потпише од страна на нивното Министерство за внатрешни работи, па после до министерот за правда, изјави министерот за правда, Кренар Лога.

Во изјава за медиуми по отворањето на денешната меѓународна конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мисла и слободата на јавно изразување на мислата“ министерот Лога информираше дека според зборовите на неговиот колега, министерот за правда од Турција, очекува дека екстрадицијата би била за брзо време.

- Ни дадоа некој рок, како и да е, јас не сакам да кажувам такви детали, бидејќи таа работа зависи од нив, не од нас, рече министерот.

Во однос на прашањето дали е побарано нешто дополнително од нашата држава во врска со тој случај, тој одговори дека нема друга комуникација.

- Нема друга комуникација официјална освен тоа што веќе сите работи се затворени бидејќи сите постапки се на време. Неофицијално сме комуницирале и денеска баравме дополнителна информација кога би била испораката, рече Лога.

Љупчо Палевски Палчо повеќе од три месеци е во екстрадационен затвор во Турција. Тој е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

За соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството. ар/лв/

Остани поврзан