• недела, 22 декември 2024

Лога најави дека повторно ќе го донесе Упатството за водење на матични книги

Лога најави дека повторно ќе го донесе Упатството за водење на матични книги

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) – Министерот за правда Кренар Лога најави дека по дополнителни консултации повторно ќе го донесе Упатството за водење на матичните книги, кое Уставниот суд, вчера со мнозинство гласови го поништи, ценејќи дека одлуката е спротивна на Уставот.

Во изјава за медиумите, по денешниот брифинг во Министерството за правда, Лога рече дека по вчерашната одлука на Уставниот суд за укинување на Упатството, верува „дека правната сигурност во државата е прекршена“.

- Јас ја поздравив одлуката на Уставен суд донесена вчера и во релативно кратко време тие донесоа одлука која е спротивна со одлуката донесена од ист суд за ист Устав во 2004 година кога се оспоруваше Законот за државјанство кој беше повеќе од 31 ден надвор од уставниот рок. Сега со оваа одлука верувам дека правната сигурност во државата е прекршена бидејќи се работи за ист суд, за ист Устав и од другата страна со ова се дозволува на министерот во соодветен уставен рок од седум дена да потпишува ново упатство, така што јас најавувам дека со дополнителни консултации истото упатство ќе биде донесено од моја страна, изјави Лога. 

Лога, вчера ја поздрави одлуката на Уставниот суд со која се укинува Упаството за водење на матичните книги, потпишано од него во мај годинава и порача дека очекува „судот да постапува по службена должност ажурно и за останатите прописи“.

Според Уставниот суд, не бил испочитуван законски утврдениот рок за објавување во службен весник.

Уставниот суд на вчерашната седница донесе Одлука да го поништи Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, акт донесен од Министерството за правда. 

Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска на прес-конференција вчера информираше дека Одлуката е донесена со мнозинство гласови и ќе биде објавена во Службен весник.

- Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува, појасни Беловска. 

Таа посочи дека Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова упатство. 

Уставниот суд на 5 јули 2023 година по сопствена иницијатива поведе постапка за оспореното Упатство поради сомнеж дека со негово донесување од страна на Министерството за правда е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство. Заведено со архивски број од 29 мај 2023 година, а објавено на 15 јуни 2023 година, што значи не е испочитуван Уставот и членот 52 во кој се предвидува рок најдоцна за седум дена. аа/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан