• четврток, 19 декември 2024

Ли на средба со ЕУ претставници: Пекинг се противи на заземање страна за руската инвазија врз Украина

Ли на средба со ЕУ претставници: Пекинг се противи на заземање страна за руската инвазија врз Украина

Пекинг, 1 април 2022 (МИА) - Пекинг се противи на заземање страна за руската инвазија врз Украина, изјави кинескиот премиер Ли Кечијанг на претставниците на Европската унија.

Ли на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку видео врска им кажа дека Кина „се противи на поделбата на блоковите и заземање страна“, рече кинескиот дипломат.

Кинескиот премиер одговори на барањето на Европската унија на самитот ЕУ-Кина, Кина да го искористи своето влијание и да помогне да се стави крај на конфликтот во Украина.

„Кина и ЕУ имаат взаемна одговорност да го искористат своето заедничко влијание и дипломатија за ставање крај на руската војна во Украина“, напиша Мишел на Твитер за време на паузата од разговорите.

Ли Кечијанг им рекол на лидерите на ЕУ дека Кина се залага за мировни преговори во Украина „на свој начин“, објави државната телевизија CCTV.

Тој повтори дека Кина е посветена на зачувување на меѓународното право и меѓународните норми, вклучително и територијалниот интегритет на сите земји.

Лидерите на ЕУ и Кина се состанаа денеска на прв самит по две години, при што Брисел изврши притисок врз Пекинг да гарантира дека нема да испорачува оружје на Русија или да и помогне на Москва да ги заобиколи западните санкции што и беа наметнати поради нејзината инвазија врз Украина. паг/

Остани поврзан