Лимани: Во 2026 посилен ангажман за задржување на младите во земјата, поддршка на семејствата и градење инклузивни политики во образованието
- Министерот за социјална политика, млади и демографија Фатмир Лимани во новогодишното обраќање порачува да изградиме заедно општество што се грижи за најмладите, ги почитува постарите, ги поддржува најслабите и им дава крилја на младите.
Скопје, 31 декември 2025 (МИА) - Министерот за социјална политика, млади и демографија Фатмир Лимани во новогодишното обраќање порачува да изградиме заедно општество што се грижи за најмладите, ги почитува постарите, ги поддржува најслабите и им дава крилја на младите.
- Во пресрет на Новата 2026 година, искрено ви благодарам за довербата, посветеноста и соработката во градењето на поправедно, похумано и пообединето општество. Овој празничен момент нè повикува да се осврнеме на годината што ја оставаме зад нас, но пред сè да погледнеме напред со надеж, солидарност и верба. Годината 2025 беше година на предизвици, но и на конкретни резултати. Заедно работевме на зајакнување на социјалната заштита, проширување на услугите во заедницата и поддршка на најранливите граѓани, вклучително и лицата со попреченост, рече Лимани.
Тој потенцира дека во центарот на нивните политики биле децата, преку инвестиции во нови градинки, зајакнување на системот за заштита на децата и промовирање на згрижувачките семејства како најхумана форма на грижа.
- Со одговорност и почит, ja унапредивме и грижaта за постарите лица, создавајќи нови услуги, центри за активно стареење и поголема финансиска сигурност за генерациите што ја изградија нашата држава. Исто така, инвестиравме во младите – во нивниот развој, вработување и активно вклучување, затоа што тие се енергијата и носителите на иднината. Семејството останува столб на нашето општество, а демографијата – огледало на колективната надеж. Затоа, 2026 година ќе биде година на уште посилен ангажман за задржување на младите во земјата, за поддршка на семејствата и за градење инклузивни политики во образованието, вработувањето, домувањето и социјалната благосостојба – политики што не оставаат никого зад себе и ја враќаат вербата дека иднината може и мора да се гради тука, рече министерот Лимани.
Лимани посакува следната година во земјава да има повеќе раѓања отколку заминувања, повеќе насмевки отколку несигурност, повеќе доверба отколку сомнеж.
- Да изградиме заедно општество што се грижи за најмладите, ги почитува постарите, ги поддржува најслабите и им дава крилја на младите. Ви посакувам здравје, среќа и благосостојба во секое семејство. Среќна Нова 2026 година! Нека биде година на мир, семејна топлина и надеж што се претвора во реалност, порача Лимани во своето новогодишно обраќање. мд/вј/
Фото: Министерство за социјална политика, млади и демографија