• недела, 22 декември 2024

Лидерот на Хезболах се закани дека ќе спречи враќање на раселените Израелци од пограничната северна област

Лидерот на Хезболах се закани дека ќе спречи враќање на раселените Израелци од пограничната северна област

Бејрут, 19 септември 2024 (МИА) – Лидерот на либанскиот Хезболах Хасан Насрала денеска вети дека неговата организација ќе го спречи Израел да ги врати израелските граѓани раселени од пограничната област на север.

- Целта на отпорот е да го спречи непријателот да ги постигне своите цели. Неговата последна цел е враќање на доселениците во нивните домови на северот на окупирана Палестина, рече Насрала во првото телевизиско обраќање по експлозиите на комуникациските уреди низ Либан вчера и завчера.

- Непријателот ќе се соочи со праведна казна, од каде што очекува и не очекува, рече Насрала, пренесе Бета. Додека тој зборуваше, Израел и Хезболах разменија оган долж границата.

Набргу потоа, израелската војска соопшти дека двајца војници се убиени, а неколкумина се ранети во денешните ракетни и напади со дронови на Хезболах во северен Израел.

- Дозволете ми да им кажам на израелската влада, на израелската армија и на израелскиот народ, нема да успеете. Му велам на премиерот Нетанјаху, можете да правите што сакате, нема да успеете. Единственото решение е да се запре агресијата против народот во Газа. Не воена ескалација, не убиства, не тотална војна, тоа нема да ги врати доселениците во граничната област, вие го знаете тоа, рече Насрала.

Тој, исто така, ја отфрли идејата на еден од командантите на израелската армија да создаде тампон зона на југот на Либан, каде што е упориштето на Хезболах.

Насрала изрази надеж дека израелските сили ќе влезат во јужен Либан бидејќи тоа ќе создаде, како што рече, историска можност за Хезболах.

Најавувајќи одмазда за нападите врз комуникациските уреди на членовите на Хезболах, тој рече дека нема да каже кога и како тоа ќе се случи, но дека Израел ќе знае кога ќе стигне.

Додека говореше Насрала, Хезболах потврди четири напади врз Израел.

Израелските медиуми јавија дека израелски борбени авиони тогаш ја пробиле воздушната бариера додека летале ниско над Бејрут. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан