Лидерот на Хезболах го осуди притисокот на САД врз Либан
- „Америка врши притисок врз владата да направи отстапки без никакви реципрочни обврски или гаранции и сака да му даде на Израел одврзани раце“, рече Касем во говорот емитуван од каналот Ал-Манар.
Бејрут, 12 ноември 2025 (МИА) - Лидерот на проиранското либанско движење Хезболах, Наим Касем, денеска го осуди притисокот што го вршат САД, кои, според него, се обидуваат да го принудат Либан да направи отстапки кон Израел без никакви реципрочни обврски, додавајќи дека неговата организација „нема да го положи оружјето“.
Вашингтон бара либанската Влада да го разоружа Хезболах, кој излезе ослабен кон крајот на ноември 2024 година од едногодишниот конфликт со Израел, а воедно сака да ги прекине изворите на финансирање на оваа исламистичка група.
„Америка врши притисок врз владата да направи отстапки без никакви реципрочни обврски или гаранции и сака да му даде на Израел одврзани раце“, рече Касем во говорот емитуван од каналот Ал-Манар.
Тој додаде дека улогата на владата не е да ги слуша американските диктати и да почне да ги спроведува.
Делегација од американското Министерство за финансии во неделата и понеделникот имаше средби со либански претставници.
Американската администрација е „многу сериозна“ во својата решеност да го „прекине иранското финансирање“ на Хезболах, изјави завчера помошникот-секретар на Министерството за финансии на САД за борба против тероризмот и финансиското разузнавање, Џон Харли.
Според Министерството за финансии на САД, од јануари 2025 година, Иран му префрлил на Хезболах во Либан повеќе од една милијарда долари, главно преку менувачници.
Неименуван либански функционер изјави дека американската делегација побарала „конкретни акции“ од либанските власти, како и мерки против перење пари и финансиски трансакции.
Касем рече дека Хезболах одбива да го предаде своето оружје на либанската армија.
„Ние нема да го напуштиме нашето оружје, кое ни дава сила и решителност“, повтори лидерот на движењето.
И покрај прекинот на огнот со кој заврши војната во ноември 2024 година, израелската војска одржува пет позиции во јужен Либан и редовно извршува напади, тврдејќи дека ги гаѓа позициите на Хезболах.сд/
фото:МИА архива