• среда, 19 јуни 2024

Лидерот на француските републиканци, Ерик Сиоти, повика на сојуз со партијата на Ле Пен, но со тоа не се согласуваат неговите колеги

Лидерот на француските републиканци, Ерик Сиоти, повика на сојуз со партијата на Ле Пен, но со тоа не се согласуваат неговите колеги

Париз, 11 јуни 2024 (МИА) - Францускиот конзервативен републикански лидер, Ерик Сиоти, денеска повика на сојуз меѓу неговата партија и партијата Национален собир (РН) на Марин Ле Пен, два дена по распишувањето на предвремените парламентарни избори, пренесе Хина.

-Ние ги кажуваме истите работи, па ајде да го запреме ова имагинарно противење, изјави Сиоти за телевизијата TF1.

Пред тоа, Сиоти разговараше со лидерите на РН, Ле Пен и 28-годишниот Џордан Бардел. Тој се одлучи на овој потег за да се погрижи републиканците да имаат доволно претставници за да формираат пратеничка група.

-Ни треба некаков сојуз и тоа е она што го нудам, рече тој, додавајќи дека „тоа го сака мнозинството гласачи“.

Сиоти доаѓа од поконзервативното крило на републиканците, а неговиот повик може да предизвика раздор во нивните редови. Членовите на центарот веќе најавија дека нема да поддржат таков потег.

Републиканецот Жерар Ларше, претседател на францускиот Сенат, рече дека Сиоти мора да се повлече од лидерската позиција на партијата.

Оливие Марле, лидер на партијата во Долниот дом на парламентот, рече дека нема да поддржи „никаков договор“ со екстремната десница.

Националниот собир, убедливиот победник на неделните европски избори во Франција, е фаворит и на парламентарните избори што ќе се одржат за три недели, иако тешко ќе може самостојно да формира мнозинство. Францускиот претседател Емануел Макрон одлучи да распише предвремени избори откако неговата партија доби речиси половина од гласовите. Републиканците завршија на петтото место на истите избори. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан