• петок, 22 ноември 2024

Лидерите на ЕУ може да разговараат за можноста за членство на Украина на неформалниот самит во март

Лидерите на ЕУ може да разговараат за можноста за членство на Украина на неформалниот самит во март

Брисел, 28 февруари 2022 (МИА) - Лидерите на Европската унија може да разговараат за можноста за членство на Украина на неформалниот самит во март, изјави денеска висок функционер на ЕУ, додавајќи дека ова прашање е важно за Украина во разговорите со Русија за ставање крај на конфликтот.

„Мислам дека ова е една од причините што е важно за Зеленски, исто така, потенцијално во некои од разговорите со Русија за излез“, рече функционерот мислејќи на разговорите за ставање крај на конфликтот. Но, тој предупреди дека се уште не е започнат процес.

„По барањето (на Украина за членство во ЕУ) мислам дека е важно да не избрзаме“, рече функционерот, кој побара да остане анонимен.

Тој додаде дека е „очигледно дека се уште не е примено, но целото ова прашање за ситуацијата во Украина е нешто за што размислуваат“.

Претседавачот на лидерите на ЕУ, Шарл Мишел и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Париз ќе се сретнат со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц на разговори.

„Значи, сигурен сум дека тоа прашање ќе се појави во тие дискусии. И, се разбира, на 10. и 11 март имаме неформален состанок на Европскиот совет и најверојатно темата Украина, која окупира многу лидери, ќе се појави во одреден момент во тие дискусии“, рече функционерот во изјава за западни медиуми. паг/

Остани поврзан