• недела, 22 декември 2024

Летната тераса на штипски Дом на млади се отвара со концерт на ,,Леб и сол"

Летната тераса на штипски Дом на млади се отвара со концерт на ,,Леб и сол

Штип, 20 мај 2023 (МИА) - Штипјани вечер ќе може да уживаат на концерт на реконструираната летна тераса во Домот на млади. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна откако претходната година објектот беше комплетно саниран, како надворешно, така и ентериерно, од почетокот на годинава се работеше на летната тераса. Директорот на Дом на млади Штип Видан Лазарев посочи дека нов изглед ќе значи и повеќе содржини и настани за граѓаните од Штип и регионот.

-Реконстукцијата е извршена на сите нивоа на летната тераса. Знаете и самите дека е составена од неколку каскади, сите тие се реновирани, поставени се додатни седишта за публиката, реконструирани се шанкови, чадорот е реконструиран, бидејќи ќе се постави рампа за светло и за звук, така што целината ја имаме само да почнеме да работиме, истакна Лазарев.

Градоначалникот, Јорданов рече дека за реконструкцијата на летната тераса се одговорни Општина Штип и Источниот плански регион, а симболично летната тераса вечерва ќе се отвори со концерт на групата „Леб и сол“.

-Пред точно 33 години легендарната група „Леб и сол“ ја отворила летната тераса на Дом на млади. По 33 години вечерва повторно оваа група ќе го отвори дворното место на култната институција, реконструирано од страна на Општина Штип и Источно планскиот регион. Ќе имаме спектакуларен концерт со кој официјално ќе се отвори терасата. Ја користам приликата да ги повикам сите штипјани да бидат присутни на концертот, изјави Јорданов.

Во реконструкцијата на летната тераса Општина Штип вложи повеќе од 4 милиони денари, а повеќе од 2 милиони денари вложи ИПР.вдј/бт/

Фото: Општина Штип

Остани поврзан