• сабота, 21 декември 2024

Лекарот обвинет за смртта на Метју Пери, се изјасни за виновен

Лекарот обвинет за смртта на Метју Пери, се изјасни за виновен

Лос Анџелес, 3 октомври 2024 (МИА) - Марк Чавез, eден од двајцата лекари oд Kалифорниja, кои се меѓу петте лица обвинети за смртта на Метју Пери, се изјасни за виновен по обвиненијата за нелегална дистрибуција на „Кетамин“, пренесува „Њујорк дејли њуз“.

На д-р Чавез му се заканува казна затвор до 10 години доколку биде осуден. Другиот лекар обвинет во случајот, Салвадор Пласенсија се изјасни за невин, како и Џезвин Санга, која од обвинителите е наречена дилерка и „Кралица на Кетаминот“. И двајцата одат на судење в март.

Личниот асистент на Пери, Кенет Ивамаса кој призна дека му го вбризгал лекот, и посредникот кој рече дека го набавил кетаминот од Санга, веќе претходно се изјаснија за виновни.

Обвинителите рекоа дека Пласенсија купувал „Кетамин“ од Чавез. Во пораките до снабдувачот, д-р Пласенсија пишува: „Се прашувам колку ќе плати овој морон“, според наводите. Пласенсија, се чини, му го давал лекот на Пери.

Мет Бинингер, бранителот на д-р Чавез, изјави дека неговиот клиент „многу се кае“ за последиците. Адвокатот додаде дека жалењето на Чавез не е поради тоа што Пери бил славна личност, туку зашто човек починал обидувајќи се да се излечи.

Метју Пери почина на 54-годишна возраст, во октомври 2023 година од „Кетамин“ и други фактори поради коишто се онесвестил и се удави во својот базен, според извештајот од обдукцијата од декември 2023 година. Глумецот од „Пријатели“ со години ја брануваше јавноста со својата зависност од лекови.  си/ссм/

Фото: Фејсбук-објава

Остани поврзан