• среда, 18 декември 2024

Лекарска комора: Можеме да постапиме само во рамки на законски утврдена постапка

Лекарска комора: Можеме да постапиме само во рамки на законски утврдена постапка

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор формирана од страна на Министерството за здравство, ниту самоиницијативно да утврдува мерки, особено затоа што не располага со медицинската документација врз основа на која извештајот е изготвен. Најголем дел од пропустите нотирани во извештајот се системски пропусти во овие здравствени установи, за кои Комората нема директна надлежност, но изразува голема загриженост, затоа што сериозно го засегаат работењето на здравствените установи и квалитетот на  здравствените услуги. Ова го соопшти денеска Лекарската комора на Северна Македонија за случајот со лекувањето и третманот на починатото дете Р.С.

Лекарската комора потсетува дека пред два дена, на 16 октомври 2024 година, во попладневните часови од Министерството за здравство го добила „Извештајот од извршен надзор над стручната работа на Универзитетската клиника за детски болести, Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата - Козле, Скопје“, подготвен од Комисијата за стручен надзор формирана од министерот за здравство Арбен Таравари за лекувањето и третманот на починатото дете Р. С. Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора утредента, на 17 октомври 2024 година, одржала седница на која го разгледала овој извештај и дала мислење.

-Веруваме дека здравствените установи, како надлежни за овој сегмент од извештајот, во соработка со министерот за здравство, во зададените рокови ќе ги отстранат пропустите, се вели во соопштението од Лекарската комора. 

Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарска комора, како што наведува, може да постапува само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на министерот за здравство.

- Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај, стои во соопштението. 

Лекарската комора нагласува дека ќе постапи веднаш, согласно своите надлежности и ингеренции, штом добие Решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи.

- Целосно ја разбираме потребата на јавноста за побрзо лоцирање и утврдување на одговорност, но постапувањето надвор од законските прописи и ингеренции носи ризик одлуките да бидат обжалени и прогласени за ништовни, се вели во соопштението од Лекарската комора. мд/дма/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан