Левица: Откако ќе го дознаеме форматот и планот ќе кажеме дали ќе учествуваме на лидерска средба
- -Откако ќе дознаеме за форматот и планот за таа лидерска средба ќе дадеме и став за наше потенцијално присуство. Но, наместо политичарите да се среќаваат на средби, треба Собранието да работи транспарентно и одговорно кога тоа е најмногу потребно - за да се отворат прашањата за трагедијата во Кочани преку легитимни и ефективни демократски методи, и да се создаде политички амбиент за отворање на прашањата поврзани и со претходните немили настани за кои граѓаните бараат одговорност - како модуларната во Тетово, Дурмо турс и тн, посочуваат од Левица.

Скопје, 28 март 2025 (МИА) - Партијата Левица засега не се изјаснува дали претседателот на партијата и нивни претставници би присуствувале на лидерска средба која ја најави лидерот на СДСМ Венко Филипче. Од Левица наведуваат дека ќе го кажат својот став откако ќе го дознаат форматот и планот за таа лидерска средба.
-Откако ќе дознаеме за форматот и планот за таа лидерска средба ќе дадеме и став за наше потенцијално присуство. Но, наместо политичарите да се среќаваат на средби, треба Собранието да работи транспарентно и одговорно кога тоа е најмногу потребно - за да се отворат прашањата за трагедијата во Кочани преку легитимни и ефективни демократски методи, и да се создаде политички амбиент за отворање на прашањата поврзани и со претходните немили настани за кои граѓаните бараат одговорност - како модуларната во Тетово, Дурмо турс и тн, посочуваат од Левица.
Институциите, велат од партијата, мора да делуваат брзо, ефикасно и без компромис.
-Ова не е време за калкулации, ниту за политички маневри и договори, туку за дејствија на сите нивоа на власта - за да се создаде безбедноста и осигура одговорноста, наведуваат од Левица.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче синоќа на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира неговиот план - што тој смета дека е обврска да се направи за државата бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“.
Од Владата денеска посочија дека немаат добиено иницијатива од СДСМ, но дека тие и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива за помош.
-Не е пристигнато официјално барање до Владата, ниту пак има иницијатива од СДСМ. Забележани се само најави од медиуми. Вакви сериозни ситуации налагаат сериозен пристап. Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне, велат од Владата.
Се изјасни и од владината коалиција Вреди. Тие сметаат дека претседателот на СДСМ Венко Филипче нема кредибилитет да повикува на лидерска средба.
-После најавите од СДСМ дека ќе бараат Анкетна комисија за Кочани, кое очигледно е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека можат да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба. Доволна им е координацијата со ДУИ, се наведува во коалицискиот став на Вреди испратен до медиумите. ев/дма/
Фото: Архива