• понеделник, 23 декември 2024

Лагард: Фондот за обнова на ЕУ да стане достапен „без одлагање“

Лагард: Фондот за обнова на ЕУ да стане достапен „без одлагање“
Брисел, 19 ноември 2020 (МИА) - Шефицата на Европската централна банка Кристин Лагард денеска повика планираниот фонд за обнова на ЕУ  од коронавирусот да стане достапен „без одлагање“, откако Полска и Унгарија го блокираа усвојувањето на планот. Апелот уследи пред видеоконференцијата од страна на лидерите на ЕУ, на која ќе доминира спорот за буџетот, кој се заканува да го задржи отклучувањето на многу потребниот стимул за ублажување на економскиот удар од пандемијата. Пакетот на ЕУ за следната генерација од 750 милијарди евра „мора да стане оперативен без одлагање“, изјави Лагард пред Комитетот за економски и монетарни работи на Европскиот парламент. „Дополнителните ресурси на пакетот можат да ги олеснат експанзивните фискални политики, особено во оние земји во еврозоната со ограничен фискален простор“, додаде таа. ЕЦБ презеде невидени мерки за да се задржи „течењето“ на кредитите и да им се помогне на земјите од еврозоната да ги надминат последиците од коронавирусот, вклучително и преку ултра-евтини заеми на банки и шема за итни купувања на обврзници од 1,35 трилиони евра. Лагард постојано ги повикуваше европските влади да помогнат во носењето на товарот преку фискален стимул и силно го охрабри предложениот пакет за спас на ЕУ. Но, според постапката на ЕУ, земјите-членки треба да дадат едногласна поддршка на планот. На почетокот на оваа недела, Варшава и Будимпешта ставија блокада на патот со одбивање да го потпишат пакетот и долгорочниот буџет на ЕУ, бидејќи тие се против плановите за врзување на финансирањето со критериумите за владеење на правото. паг/

Остани поврзан