• недела, 22 декември 2024

Куса средба Мицкоски – Герапетритис на маргините на Самитот на Берлинскиот процес

Куса средба Мицкоски – Герапетритис на маргините на Самитот на Берлинскиот процес

Атина, 14 октомври 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на грчката дипломатија имале куса средба на маргините на Самитот на Берлинскиот процес, според фотографиите што на платформата Икс ги објави Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР информираа дека Герапетритис имал куси размени на мислења на Самитот во Берлин и објавија фотографии, а освен со Мицкоски, разговарал и со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.

Шефовите на двете дипломатии минатиот месец ја одржаа нивната прва средба во Њујорк за време на Генералното собрание на Обединетите Нации.

Делегацијата на Северна Македонија во Берлин на Самитот на шефови на Влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес ја предводи премиерот, а учествуваат и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Премиерот Мицкоски преку Фејсбук информираше за неговото учество на првата сесија од Берлинскиот процес посветен на регионалната соработка и заедничкиот регионален пазар, што е, како што напиша, „форма за поблиска соработка и операционализирање на стратегијата за економски развој на државите од Балканот“.

-Ние мора да го пронајдеме нашиот интерес во отворање на нови можности и пазари за нашите компании, нови форми на соработка и обезбедување на посигурна иднина, напиша премиерот.

Учесници на состанокот традиционално се шесте земји од Западен Балкан, нивните земји-поддржувачи Австрија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Велика Британија, Полска, а од 2019 година и Грција и Бугарија, како и ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Регионалната младинска канцеларија (RYCO).

Од владата соопштија дека предвидени се и повеќе билатерални средби на премиерот Мицкоски. ср/ев/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција/ Фејсбук Христијан Мицкоски

Остани поврзан