• понеделник, 23 декември 2024

Кусари-Лила: Нацртот на ЗСО ќе се промени, нема да има трета власт во Косово

Кусари-Лила: Нацртот на ЗСО ќе се промени, нема да има трета власт во Косово

Приштина, 10 декември 2023 (МИА) – Шефицата на пратеничката група на косовската владејачка партија, Движење самоопределување (ВВ), Мимоза Кусари-Лила, е убедена дека нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово (ЗСО), предложен од евро-американски дипломати, не создава нов механизам на „трета власт“ кој би можел да ги загрози државноста или уставноста на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Меѓутоа, вели таа, загриженоста на државните лидери е поради некои аспекти кои можат да создадат нејаснотии во спроведувањето, па затоа, напоменува, владата има упатено коментари и до посредниците во дијалогот, но на нив сé уште не е одговорено.

Кусари-Лила во денешното интервју за КосоваПрес ја споменува можноста нацртот да претрпи измени, па затоа се воздржува од детално коментирање, но подвлекува дека косовските сојузници, особено САД, гарантираат дека нема да се дозволи создавање на едно ниво на трета власт во Косово.

- Не зборуваме за некаков нов механизам, ниту институционален, ниту на ниво на организација на општинско ниво, кој би можел да ја загрози државноста на Косово или уставноста на државата. Бидејќи има мноштво механизми и цело време се зборува да не се дојде до ситуација во која се создаваат проблеми или се урива уставниот поредок или се дефункционализираат одредени механизми било на извршно или на локално ниво... Апсолутно не!, вели Кусари-Лила.

Таа наведува дека Косово го нема ни концептот на федерална држава и дека „уставниот поредок на Косово е јасен како парламентарна република со две нивоа на власт, локална и централна“.

- Како такво не се очекува и нема простор и можност да се смени. Згора на сето ова се гаранциите на партнерите, поточно сојузниците во Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Кога имаше барања или инсистирања дека на тој начин може да се создаде трет систем на владеење во Косово, јас лично бев присутна каде што имаше реакции од претставниците на државите од КВИНТА, кои се спротивставија оваа теорија или претпоставка, нагласува Кусари-Лила.

Шефицата на пратеничката група на партијата предводена од премиерот Албин Курти во Собранието на Косово го поздравува објавувањето на нацртот на Заедницата и неговото доставување до опозициските партии. иа/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан