• сабота, 16 ноември 2024

Курти бара од опозицијата и Уставниот суд да престанат со „блокирање на позитивните реформи“

Курти бара од опозицијата и Уставниот суд да престанат со „блокирање на позитивните реформи“

Приштина, 13 ноември 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти го нарече „блокирање на позитивните реформи“ на неговата Влада испраќањето од страна на опозицијата на законите до Уставниот суд и одлуките на тој суд, јави дописникот на МИА од Приштина.

Говорејќи на денешната седница на Владата за Законот за суверен фонд, Курти напомена дека овој значаен закон веќе една година е во фиоките на Уставниот суд.

Тој рече дека секој изгубен ден е „исклучително вреден бидејќи државата е попречена во време на големи промени и можности во светската економија“, додека, според него, Косово го бележи „најголемиот економски раст проследен со највисокиот демократски напредок“.

„Суверениот фонд е од витално значење за економскиот раст, зголемувањето на инвестициите и збогатувањето на инвестициската структура. Се надеваме дека тврдењата на опозицијата дека Уставниот ќе го отфрли нашиот Закон за суверениот фонд, според нивните внатрешни информации, нема да испаднат точни. Сакаме да ставиме крај на овој ќорсокак на блокирање на позитивните и прогресивни реформи, како што се случи... со законот за Независниот совет на обвинители и со законот за плафонски цени на основните производи, меѓу другото“, рече Курти на владината седница.

Остани поврзан