• понеделник, 23 декември 2024

Кумановските ученици повеќе заинтересирани за стручно образование

Кумановските ученици повеќе заинтересирани за стручно образование

Куманово, 9 јули 2024 (МИА) - Расте интересот кај кумановските ученици за упис во средно стручно образование, информираа денеска од секторот за образование од општината Куманово. По завршувањето на второто пријавување во петте средни училишта на подрачје на Куманово за учебната 2024/25 година запишани се 878 ученици.

- Голем е интересот последниве години за упис во стручните училишта, за што говори фактот дека во стручните се запишани 561, што речиси е двојно повеќе во однос на гимназиското каде се запишани 317 ученици. Ова не се конечни бројки. Tие ќе бидат објавени по 21 август кога е пријавување за ученици упатени на поправен испит, испит на година или испит за брзо напредување, тогаш ќе ги има конечните резултати, изјави раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Тој смета дека кампањата на МОН „Учи паметно работи стручно“ дава резултати. Дуалните паралелки кои овозможуваат поголем фонд практична настава ја користат учениците кои сакаат да ги усовршат знаењата и вештините за одредена струка. Во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ се запишале 368 ученика и на македонски и албански наставен јазик. Во „Перо Наков“ настава ќе следат 193 ученика на македонски и албански наставен јазик. Во гимназијата „Гоце Делчев“ запишани се 175 ученика на македонски, има една билингвална и една паралелка на српски јазик. Во гимназијата „Сами Фрашери“ запишале 142 ученика на албански наставен јазик.

- Оние кои сакаат да продолжат со образование можат со полагање на државна матура да продолжат во високо образование, додава Јовановиќ.

Лани на подрачјето на Куманово имало 18 паралелки за дуално образование што е прилично висока бројка, опфаќајќи го и државното стручно „Киро Бурназ“ кое опфаќа ученици од општината и има нови струки, што дополнително го зголеми интересот за стручно образование.

- Работодавците бараат измена на законската регулатива бидејќи се носи нов закон за средно образование кој треба да им излезе во пресрет и ним, бидејќи вложуваа во настава преку обезбеден ментор. Како општина ќе продолжиме согласно законската регулатива и надлежностите делегирани од МОН да постапуваме во овој сегмент и да бараме од работодавците да опфатат и нови струки, вели Јовановиќ.

Дел од средношколците се запишале и во некои други градови за одредени струки и профили кои ги нема во градот. Сепак, ниту Куманово не го одминува миграцијата, иако е најголема општина во државата.

- Мал број ученици се запишани и во други средни училишта за некои струки кои ги нема тука. Но, имаме и ученици кои се отселуваат во западно-европските држави, рече Јовановиќ. ам/сст/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан