• петок, 22 ноември 2024

Кумановската болница целосно гасифицирана

Кумановската болница целосно гасифицирана
Куманово, 20 април 2022 (МИА) - Завршена е гасификацијата на Општата болница во Куманово, со што оваа здравствена установа целосно се загрева на природен гас. Со реализацијата на овој проект се намалува аерозагадувањето, бидејќи до неодамна болницата се грееше на мазут.
- Системот е централно поврзан, многу е важен за понатамошниот тек на инвестиции кои ги планираме во сите здравствени установи. Ова е пилот-проект и сметам дека ќе послужи како модел за другите болници, изјави министерот за здравство Беким Сали, кој денеска ја посети оваа здравствена институција. Според Сали, финансиските средства што ќе се заштедат од еколошкиот начин на загревање, може да се пренаменат за други проекти значајни за жителите на Североисточниот регион. - Во комуникација сме со сите директори. Изминатиот период однесовме компјутерска томографија којашто е важна за рана дијагностика на болести. Колку порано дијагностицираме, толку порано и лекуваме. Ова е многу важно за здравјето на секој жител. Посакувам вакви проекти да имаме во сите здравствени установи и да ја вратиме довербата во севкупниот здравствен систем, рече Сали. Директорката на болницата Снежана Захариева посочи дека инвестицијата за гасификација на болницата е на Владата и на Министерството за здравство. Истакна дека со поддршка на Владата и на ресорното Министерство, болницата ќе добие дополнителна помош за жителите од регионот да можат да добијат квалитетна здравствена заштита. И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој присуствуваше на настанот, кажа дека ова е исклучително важен проект за градот и дека на почетокот на постапката за гасификација бил премиер во техничката влада. - Чест ми е што ме поканија да присуствувам на овој значаен проект, бидејќи знаеме колку е важно да се реализира проект којшто пред сè значи намалување на загадувањето на граѓаните во Куманово, рече Спасовски. Проектот за изградба на комплетно нова дистрибутивна гасоводна мрежа, нова гасна котларница, гасна опрема и изградба на приклучна делница од дистрибутивната гасоводна мрежа беше завршен во декември, лани. ам/бак/

Остани поврзан