• четврток, 19 декември 2024

Кумановецот Јован Станковиќ освои второ место на меѓународен натпревар во Виена

Кумановецот Јован Станковиќ освои второ место на меѓународен натпревар во Виена

Куманово, 8 август 2024 (МИА) - Младиот пијанист Јован Станковиќ од Куманово, освои второ место на меѓународен натпревар во Виена, Австрија. Станковиќ учествуваше на меѓународниот музички младински натпревар и во силна конкуренција од целиот свет го освои второто место, настапувајќи со дело на Шопен.

- Конкуренцијата беше многу силна, учествуваа пијанисти од Сингапур, Мексико, Хрватска, Макао, Австралија, Хонгконг, Бугарија, Филипини, Тајланд, Австрија, Украина, Унгарија, Грција. Нè оценуваа врвни професори, музичари од престижни факултети од Германија, Италија и Австрија. Имав незначителна трема при настапот. Задоволство е да се освои ваква награда и мотив да продолжам во иднина со учества на меѓународни натпревари, изјави четиринаесетгодишниот Станковиќ, кој бил единствениот македонски претставник на натпреварот.

По првиот и вториот круг Јован се пласираше во финалниот круг каде успешно се презентираше себеси, градот и државата. За натпреварот, тој се пријавил на почетокот на годината и испратил снимки од настапи. Тогаш имало пријавено 250 млади пијанисти од 52 земји од светот, но на финалниот концерт имало повеќе од триесетина учесници. Натпреварот кој се одржа кон крајот на јули и почетокот на август годинава, во концертната сала Das MuTh – Konzertsaal, Bühne & Programm Ehrbar Saal се одржал во различни категории, виолина, пијано, соло пеење, удирачки инструменти.

Младиот Јован беше доскорешен ученик во кумановското основно музичко училиште во класата на професор м-р Марко Митковски. Од септември пак ќе е ученик во „Илија Николовски Луј“ кај м-р Весна Ангелова Христов од музичкиот училиштен центар. Младиот Јован напорно работи, вежба по неколку часа дневно и се надева дека во иднина ќе продолжи уште повеќе да се усовршува. ам/ир

Фото: Приватна архива Станковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан