• петок, 22 ноември 2024

Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево со ново раководство

Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево со ново раководство

Делчево, 22 јануари 2022 (МИА) – Соња Мавродиева Георгиевска е избрана за нов претседател на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево. На годишното собрание одржано денес таа едногласно ја доби довербата за да ја извршува новата функција најавувајќи ќе се залага да ја оправда довербата, која и е укажана.

-Се надевам ќе ја оправдам довербата на сите кои ми ја дадоа поддршката. Сигурно дека ќе го почитувам статутот на друштвото кој извршниот директор го презентираше и се надевам дека ќе придонесам Културно-уметничкото друштво да биде на пиедесталот кој го заслужува бидејќи е бренд на Општина Делчево, Пијанец и пошироко, рече Георгиевска.

Благодарност до присутните упатија и заменик претседателката Билјана Георгиевска и претседателот на надзорниот одбор Гоце Стоименовски кои изразија надеж дека по завршувањето на пандемијата друштвото ќе продолжи достојно да го претставува овдешниот фолклор во земјава и странство.

Извршниот директор Зенил Реџепов честитајќи им го изборот на новото раководство истакна дека под мотото „Традицијата продолжува“, Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ ќе реализира голем број активности и во 2022 година.

-Јас како уметнички раководител, сега веќе извршен директор во Културно-уметничкото друштво ќе ја доставам програмата до сега веќе новиот претседател и собранието. Се надевам истата ќе биде прифатена и збогатена. Како прв настан ќе го најавам учеството на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на нашиот патрон Гоце Делчев, во чии рамки покрај рецитал пред неговиот споменик, во соработка до Општина Делчево ќе одржиме и свечен концерт, рече Реџепов.

Меѓу поважните настани опфатени со годишната програма ги посочи и фестивалот Делечво Фест со придружната манифестација Пијанечко-малешевска свадба како и гостувањата на неколку фестивали во Турција, Бугарија и Србија. вс/ки/

Остани поврзан