• недела, 22 декември 2024

Кулеба: Русија не е подготвена да преговара „со добра волја“

Кулеба: Русија не е подготвена да преговара „со добра волја“

Пекинг, 24 јули 2024 (МИА) - Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска за време на посетата на Кина изјави дека неговата земја ќе разговара со Русија само кога ќе биде подготвена да го стори тоа „со добра волја“.

„Кулеба за време на средбата со неговиот кинески колега Ванг Ји го повторил ставот на Украина дека е подготвена да преговара со руската страна, но само кога Русија ќе биде подготвена да преговара со добра волја“, соопшти украинското МНР, додавајќи дека во моментов руската страна не е подготвена да го направи тоа.

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, во одговор на прашање за средбата на министрите Ванг Ји и Дмитри Кулеба утринава во Гуангжу, јужна Кина, рече дека тие „размениле мислења за конфликтот“.

„Ванг Ји нагласи дека кризата во Украина влезе во третата година, дека конфликтот продолжува и постои ризик од ескалација и прелевање“, додаде таа.

„Кина оценува дека решението на сите конфликти мора на крајот да помине на преговарачка маса“, истакна портпаролката.

Посетата на Кулеба на Кина оваа недела е прва посета на висок украински функционер на тоа ниво од почетокот на руската инвазија на Украина. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

 

Остани поврзан