• среда, 27 ноември 2024

КУД „Бранко Чајка“-Тетово утре со концерт и изложба одбележува 30 години јубилеј

КУД „Бранко Чајка“-Тетово утре со концерт и изложба одбележува 30 години јубилеј

Тетово, 29 септември 2023 (МИА) - Културно уметничкото друштво „Бранко Чајка“ од Тетово утре по повод 30-годишниот јубилеј ќе одржи концерт и изложба со фотографии во Центар за култура „Иљо Антевски-Смок“. Концертот ќе биде во големата сала, додека фотографиите ќе бидат изложени во фоајето на оваа установа.

Изложбата на фотографии е насловена „Од нашата ризница на народни носии“. Покрај домаќините, на концертот настапуваат и членовите на КУД „Рацин“ од Кичево.

- КУД „Бранко Чајка“ делува во состав на истоименото Здружение на Срби и Македонци од Тетово. Здружението е формирано 1992 година, а веќе од следната, 1993, започнува да работи Културно-уметничкото друштво. На почетокот друштвото го носи името „Фолклор“, а од 2006 до денес „Бранко Чајка“. На својот репертоар подеднакво го негува и српскиот и македонскиот фолклор. Со тоа придонесува во подобрувањето на билатералните односи помеѓу двете соседни држави на најдобриот можен начин – преку негување на културата и традицијата, информира Соња Андонов, претседателка на Здружение на Срби и Македонци од Тетово.

Друштвото брои успешни настапи во градот, регионот, државата, Србија и пошироко: Тетово, Скопје, Радовиш, Долнени, Грачаница, Власина, Врање, Требиње, Нови Сад, Ниш, Дољевац, Бујановац, Зрењанин … како и на бројните мултикултурни фолклорни смотри и Денови на македонската култура во повеќе градови во Србија. Во досегашното 30 годишно постоење добитник е на многубројни награди и признанија. Во 2012 година добитник е на Плакета на Општина Тетово во знак на благодарност за постигнатите резултати во областа на културата.

Најголем успех доживува 2008 година на Првиот Меѓународниот фолклорен фестивал „Дукат“ во Бања Лука, БиХ, каде во конкуренција од 14 фолклорни друштва го добива највисокото признание Гран при. Истата година успешно се претставува на фолклорниот фестивал во Долеман, Турција.

- КУД „Бранко Чајка“ делува во град со мултиетничка структура на населението, па поради тоа ја организира фолклорната манифестација „Фолклорни игри под Шара“ на која настапуваат фолклорни друштва од сите заедници на подрачјето на општина Тетово и околината со што придонесува во негувањето на мултикултурализмот, истакна Соња Андонов.

Следната недела, од 6 до 8 октомври, КУД „Бранко Чајка“ ќе учествува на манифестацијата „Опленачка берба“ во градот Топола, Република Србија. ас/дма/


Фото: КУД Бранко Чајка

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан