„Круна“ продолжува со контроверзиите и во петтата сезона
- Во разговорот беа изнесени тврдења кои не одеа во прилог на кралското семејство, а потоа многумина го осудија интервјуто и го обвинија Башир дека интервјуто го обезбедил со измама.
Лондон, 26 октомври 2021 (МИА) - Претстојната петта сезона на серијата на Нетфликс - „Круна“ (The Crown), наводно, ќе содржи најмалку една контроверзна ситница од историјата на британското кралско семејство.
Според „Сан“, претстојната петта сезона ќе го има и интервјуто на Дијана за „Панорама“ со Мартин Башир, каде што таа се осврнува на нејзиниот брак и животот во кралското семејство. Во разговорот беа изнесени тврдења кои не одеа во прилог на кралското семејство, а потоа многумина го осудија интервјуто и го обвинија Башир дека интервјуто го обезбедил со измама.
Принцот Вилијам еднаш тврдеше дека Мартин Башир го убедил eрл Чарлс Спенсер, братот на принцезата Дијана, да го запознае со неговата сестра, со цел да обезбеди скандалозно интервју.
- Интервјуто не е веродостојно и никогаш повеќе не треба да се емитува, истакна тој на прашањето во една прилика.
Креаторите на серијата го сметаат интервјуто на Дијана за клучен миг од петтата сезона. Според неименуван извор, турбулентниот брак меѓу Чарлс и леди Ди доведе до нејзино гостување во „Панорама“, а пак, „последиците од таа одлука ги определија нејзините последни месеци“, истакнува познавачот.
Во споменатото интервју, Дијана признава дека имала љубовник, но се осврнала и на врската на Чарлс со неговата сегашна сопруга Камила.
„Во оваа сезона се инвестирани многу пари. 'Круна' е позната по тоа што ги истакнува приказните по кои членовите на кралското семејство не сакаат да ги помнат", додава изворот.
Петтата е и претпоследна сезона на „Круна“. Инаку, драмата го следи владеењето на кралицата Елизабета Втора, од самиот почеток, зачинета и со многу познати и непознати мигови од животот на кралското семејство. си/сд/