• недела, 22 декември 2024

Криумчар на мигранти повреден кај грчкиот остров Сими откако се обидел да ѝ избега на крајбрежната служба

Криумчар на мигранти повреден кај грчкиот остров Сими откако се обидел да ѝ избега на крајбрежната служба

Атина, 6 август 2024 (МИА) – Криумчар на мигранти е повреден и уапсен во потера на крајбрежната служба на Грција во близина на грчкиот остров Сими, откако не застанал на светлосните и звучните сигнали и ја зголемил брзината на глисерот, по што од патролниот брод биле испукани четири истрели, два предупредувачки и два наменски кон моторот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција претпладнево соопштија дека вчера, нивниот патролен брод го забележал глисерот дека остава луѓе на островот и припадниците на службата се обиделе со светлосни и звучни сигнали за да го запрат, но без резултат.

-Следеше потера при што лицето што управуваше со глисерот правеше континуирани опасни маневри и обиди да го удри патролниот брод. Беа испукани два предупредувачки истрели во безбеден дел со негативни резултати, а потоа беа испукани два насочени истрели кон моторот. Глисерот ја намали брзината, сврти полукружно удирајќи во десната страна на патролниот брод при што нанесе штета на глисерот и застана. Од екипажот на патролниот брод на крајбрежната служба беше констатирано дека на странскиот државјанин му е потребна лекарска помош поради повреда и му беше укажана прва помош, соопштија од крајбрежната служба и додадоа дека криумчарот е хоспитализиран во болница на островот Родос.

По извршениот увид на копно биле пронајдени и мигрантите, кои криумчарот ги оставил на Сими, вкупно 21 лице, а било констатирано дека тргнале од местото Бозбурун во Турција и платиле по 4.500 евра за да бидат пренесени на грчкиот остров.

Паралелно, во текот на ноќта, во морскиот дел југозападно од Пилос на Пелопонез, од крузер што се наоѓал во близина биле спасени 77 мигранти и безбедно пренесени на пристаништето во градот Каламата.ср/

Остани поврзан