• недела, 07 јули 2024

Кривична пријава против три лица од радовишко за повеќе кривични дела за бесправна сеча на дрва

Кривична пријава против три лица од радовишко за повеќе кривични дела за бесправна сеча на дрва

Струмица, 15 ноември 2023 (МИА) - Одделението за внатрешни работи Радовиш, до Основното јавно обвинителство, поднесе кривична пријава против Е.Г.(35) и С.И.(41), двајцата од село Бучим, радовишко и Ј.В.(62) од село Лубница, општина Конче. Тие се сомничат дека Е.Г. сторил кривични дела „пустошење на шума“,„фалсификување на знаци за обележување на стоки, мери и тегови“ и кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, додека С.И. сторил кривично дело „помагање“ во врска со кривично дело „пустошење на шума“, а Ј.В. сторил кривично дело „несовесно работење во службата“.

Како што соопштија од СВР Струмица, Е.Г. и С.И., со цел да прикријат пустошење на шума на државни парцели, се договориле С.И. да склучи договор со Н.Д. од Радовиш, сопственик на приватни шуми на место викано „Горна Враштица“, атар на село Дамјан, радовишко, за сеча и продажба на огревни стебла од парцели на Н.Д., кои граничат со државните парцели. Откако го склучиле договорот, Е.Г. во име на Н.Д. поднел барање за одобрение за сеча, при што од ЈП „Национални шуми“ - подружница „Плачковица“ Радовиш му се издадени одобренија за сеча во катастарските парцели на Н.Д..

-Потоа, во периодот од јули до септември 2023 година, Е.Г. во 10 катастарски парцели, сопственост на Република Северна Македонија, извршил бесправна сеча на 78,07 кубни метри дабово огревно дрво, со што нанел штета од 642.859 денари на Република Северна Македонија. Дел од бесправно исечените дрва ги обележал со жиг, кој по карактериските не одговара на формата и назнаките на оригиналниот жиг.При транспортот на дрвата, полициски службеници од ОВР Радовиш го запреле товарното возило „фиат“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од Е.Г., при што било констатирано дека врши превоз без да поседува лиценца, стои во полициското соопштение.

Од полциијата додаваат дека третопријавениот Ј.В., при вршењето на неговите овластувања на работното место референт за сеча, дотур и превоз за приватни шуми, несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и изготвувал испратници за превоз на огревно дрво на име на првопријавениот ЕГ. и покрај тоа што одобренијата за сеча биле издадени на име на Н.Д. На овој начин му овозможил на Е.Г. да изврши сеча на вкупно 155,15 кубни метри дабово огревно дрво, со што се стекнал со противправна имотна корист од 652.405 денари. рт/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан