• недела, 22 декември 2024

Кривична пријава за девет лица затекнати во незаконска сеча на дрва

Кривична пријава за девет лица затекнати во незаконска сеча на дрва

Скопје, 9 септември 2024 (МИА) – Полицијата поднесе кривична пријава против девет лица поради сомнение за сторена „кражба“ бидејќи биле затекнати во незаконска сеча и дотур на дрва за огрев во шумски предел на местото викано „Кутуров дол“ во Кичево.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, СВР Охрид до ОЈО Кичево поднело кривична пријава против девет лица поради основано сомнение за сторено кривично дело „кражба”, а против две од овие лица е поднесена и кривична пријава за „спречување службено лице во вршење на службено дејствие”. 

Сите девет лица, како што дополнуваат, се лишени од слобода и со кривичната пријава се предадени во ОЈО Кичево за понатамошна постапка.

- Вчера (08.09.2024), во координирана акција на Одделот за криминалистичка полиција, СВР Охрид и Одделот за специјални полициски операции-Единица за брзо распоредување, на територија на општина Кичево во место викано „Кутуров дол“ затекнати се лица во незаконска сеча и дотур на дрва за огрев во шумски предел, и покрај активната забрана за движење во шума, стои во соопштението од МВР.

Се дополнува дека лицата биле без соодветни дозволи и документација за сеча, дотур и превоз на огревни дрва. 

- Од лицата се одземени мобилните телефони и предмети за кои се претпоставува дека ги користеле за извршување на кривичното дело, како и товарно моторно возило „ман” и џип „опел фронтера”, двете со кичевски регистарски ознаки, дополнуваат од МВР.

Воедно, соопштуваат и дека во месноста викана „Мала река“ биле лишени од слобода три лица и одземени два трактора со приколки и едно возило „цитроен џампер“, како и моторна пила и повеќе канистри за бензин. ар/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан