• четврток, 07 ноември 2024

Креиран прв Национален регистар за подземни води

Креиран прв Национален регистар за подземни води

Скопје, 14 јули 2023 (МИА) - Државата има висок процент на користење на подземни води, но досега нивниот потенцијал не беше ниту доволно истражен, ниту искористен и што е најважно доволно заштитен. Затоа овој Националниот регистар на подземни води е клучен стратешки документ за развојот на државата, истакна министерката за животна средина Каја Шукова. 

Шукова на денешната конференција на која беше промовиран регистарот рече дека ова е прв проект од ваков вид и оцени дека е од посебно значење за одржливо управување, идентификација, употреба, заштита и следење на подземните води на национално ниво. 

Додаде дека Национачниот регистар освен што е клучен за понатамошниот развој на државата, тој е и обврска според европските директиви. 

-Беше потребно да се соберат и централизираат тематски различните податоци што се собираат во различни национални и приватни институции, во еден систем. Од друга страна, со дигитализирањето не само на податоците, туку и на процедурите и известувањето се олеснува пристапот до истите и извршувањето на процесите за управување со подземните води. Кратко речено се обезбедува транспарентност, достапност и скратување на постапките за издавање на управни акти за користење и испуштање на води. Вкупно 13 различни процеси се вклучени во системот, појасни министерката. 

Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Улман посочи дека во државава подземните води се стратешки ресурс и се клучни за земјоделството и индустријата. 

-Со зголемените потреби за вода и негативното влијание на климатските промени, станува уште поитно да се преземат ефикасни мерки за соодветно управување со подземните води. Една клучна компонента на одржливото управување со подземните води е воспоставувањето, одржувањето и користењето на Системот за управување со податоците за подземните води, кој се нарекува и Националрн регистар, катастар на подземни води, рече Улман. 

Во рамки на проектот изработена е и мобилна апликација која ќе претставува помошна алатка за спроведување на процесот на контрола и инспекторирање. 

Проектот е финансиран од Швајцарската Конфедерација, преку Швајцарската Амбасада во Република Северна Македонија и Швајцарската Агенција за Развој и Соработка. свс/аа/
Фото: МИА/МЖСП

Остани поврзан