• понеделник, 23 декември 2024

„Креација-Имагинација, Имагинација-Креација“ модна ревија на учениците од стручното училиште „Перо Наков“ Куманово

„Креација-Имагинација, Имагинација-Креација“ модна ревија на учениците од стручното училиште „Перо Наков“ Куманово

Куманово, 16 мај 2024 (МИА) - Ученици од стручното училиште „Перо Наков“ од текстилно-кожарската струка, вчера ги презентираа своите креации пред кумановци во Центарот за култура. Граѓаните уживаа во шесте ревии. Учениците од втора, трета, четврта година и студенти кои учат моден дизајн ги презентираа креациите кои ги изработиле во соработка со професорите и менеторите од компаниите каде спроведува дуалното образование и практичната настава.

Директорката на училиштето, Мила Жибак Димковска вели дека стручните паралелки сега веќе се полни. Дуалното образование полека почнува да ги покажува ефектите.

- Ова е еден од начините на кои ги повикуваме деветоодделенците да одберат стручно образование. По воведувањето на дуалното образование зголемен е бројот на учениците кои се запишуваат во паралелките техничар за моделирање облека, техничар за дизајн на облека, техничар за моделирање обувки. Наставата се одвива и во училиштето и компаниите, изјави Жибак Димковска.

Кумановските компании со години бараа воведување на мерки за зголемување на интересот на учениците во стручното образование. Голем дел од учениците веќе и се вработуваат по завршување на средното образование.

-Интересот е голем последниве години, порано имаше по неколку ученици, сега веќе имаме полни паралелки. Оваа ревија е одлично прифатена се одржува по втор пат. Претесен беше и овој простор за да ги собере сите што сакаа да ја видат завршната ревијата на учениците од текстилно-кожарската насока кажа професорката по група предмети од текстилно-кожарска струка, Викторија Крстевска.

Нејзиниот колега Седат Дураки вели дека интересот за стручните предмети нагло се зголемил последниве четири години.

- Учењето преку работа дава резултати, учениците стекнуваат практични вештини кои веднаш се прифатливи на пазарот на труд по завшување на образованието, вели Дураки.

Дуалното образование е систем во кој практикантството во компаниите се комбинира со училишни часови во стручно училиште. Ова е од голема важност, сметаат надлежните бидејќи таквото комбинирање придонесува за развој на високо квалитетни практични вештини кои ги бараат работодавците т.е. компаниите. Во Куманово стручни училишта се општинските средни „Перо Наков“, Наце Буѓони“ и државното средно училиште, регионален центар за стручно образование, „Киро Бурназ“. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан