• понеделник, 23 декември 2024

Краткометражниот филм „Сценариото“ на Кардалевска освои 15 награди низ светот

Краткометражниот филм  „Сценариото“ на Кардалевска освои 15 награди низ светот

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Краткометражниот филм на режисерката Александра Кардалевска со наслов „Сценариото“ (The Script), доживува голем успех на светската филмска сцена, освојувајќи бројни награди и селекции на реномирани фестивали ширум светот. Ова достигнување ја претставува македонската кинематографија на глобално ниво, истовремено носејќи уникатна и моќна приказна до интернационалната публика.

По успешната светска премиера на престижниот 45-ти Московски филмски фестивал и меѓународната премиера на 29-тиот Фестивал на фантастични филмови во Билбао, филмот имаше можност да се прикаже на бројни значајни филмски настани како што е „FilmQuest“-еден од водечките жанровски фестивали во светот што се одржува во Јута, САД, потоа Фестивалот Cinefantasy во Сао Паоло, Бразил, како и низа други меѓународни фестивали.

Досега, филмот има освоено петнаесетина значајни награди, меѓу кои: Наградата од публика на 33-тиот Фестивал на фантастични филмови Манчестер; Големата награда од жирито на Бакунава Фест, Филипини, најстариот и најголем фестивал за жанровски филмови во Азија; награда на CineLibri во Бугарија; награди на Фестивалот Фантазмагорија во Колумбија; Фестивалот Paradise во Унгарија; наградата на Galactic Imaginarium во Романија; Descubierto Fantasy Film Festival во Перу; како и две значајни награди – Главната награда од жирито и Наградата од критиката – на фестивалот Fantasy Day во Италија. Исто така, филмот ја освои наградата за најдобро сценарио на „Balkan Nordic Film Festival“ во Стокхолм и награда за најдобра кинематографија на Cinematic European Film Festival во Романија.

Филмот беше прикажан и пред домашната публика на неколку македонски фестивали каде ја освои наградата за Најдобар краткометражен филм на фестивалот „Преку Езерото“ во Дојран и TIFF ODA во Тетово, а на Астер Фест во Струмица ја освои наградата за Најдобро сценарио.

Со своето учество и успех на овие фестивали, „Сценариото“ не само што придонесува за интернационалната промоција на македонската кинематографија, туку и ја носи уметноста на Кардалевска до публика ширум светот. Филмот раскажува фантастична приказна која одекна и кај публиката и кај критичарите, а неговиот успешен фестивалски живот е доказ за посветеноста на целата актерска и креативна екипа што стои зад филмот.

Во „Сценариото“ кое е поддржано од нашата Агенција за филм, играат истакнати актери, меѓу кои се Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски, Игор Ангелов, Симеон Мони Дамевски и Ана Стојановска. Визуелната естетика на филмот е дело на директорот на фотографија Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Чачоровски, монтажата е на Блаже Дулев, а дизајнот на звукот го изработи Дарко Спасовски-Пацки. Дизајнот и изработката на костимите се на Онур Озџан, Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданоска, а шминката е дело на Снежана Ангеловска Живковска. Филмот е во продукција на Лајт Продакшн, во копродукција со Круг Филм и Алка Филмс од Скопје, Ikone Studio од Косово и Kube Studios од Албанија.

 

Невена Поповска

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: Невена Поповска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан