Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ на Сузана Диневски продолжува да доминира на меѓународни филмски фестивали
- Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција“ ќе биде прикажан на неколку престижни меѓународни фестивали што ќе се одржат во текот на септември, годинава.
Скопје, 15 август 2023 (МИА) - Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција“ ќе биде прикажан на неколку престижни меѓународни фестивали што ќе се одржат во текот на септември, годинава.
Филмот е избран во официјалната селекција на филмскиот фестивал „Љубов и надеж’’ што ќе се одржи од 15 до 22 септември, 2023 во Барселона, Шпанија, каде е номиниран за најдобар инспиративен краткометражен филм.
Проекцијата на филмот е закажана за 20 септември во киното Малда (Cinema Maldà) кое е најстарото кино во Барселона, лоцирано во стариот дел на градот. Киното Малда кое ги отвори вратите во декември 1945 година до денес продолжува да функционира во својата оргинална верзија како авторско кино. Во рамки на фестивалот, на 22 септември ќе се одржи и гала вечера на која ќе бидат доделени признанија за наградените филмови.
„Шеќерни луѓе“, исто така е селектиран меѓу 30-те филмови во официјалната селекција на 17. издание на филмскиот фестивал во Лече, Италија, што ќе се одржи од 5 до 9 септември. Филмот на Диневски во Лече ќе биде прикажан на 7 септември.
Проекции на „Шеќерни луѓе” продолжуваат во месец септември и во официјалната селекција на меѓународниот филмски фестивал за човекови права во Албанија (IHRFFA) што ќе се одржи од 18 до 23 септември во Тирана и од 1 до 3 септември во официјалната селекција на краткометражниот филмски фестивал „Замок Лагопесоле“, во истоиментото место, во јужна Италија.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски, а музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.
Досега „Шеќерни луѓе'' на Сузана Диневски е добитник на 23 награди и селектиран на 65 филмски фестивали. вг/нд/