• недела, 22 декември 2024

Кој ќе го наследи Столтенберг на чело на НАТО: Еве како се избираат кандидатите и кој е во игра

Кој ќе го наследи Столтенберг на чело на НАТО: Еве како се избираат кандидатите и кој е во игра

26 март 2023

Дојче веле - Бон

Јенс Столтенберг заминува. А кој доаѓа? Се погласни се шпекулациите за можна генерална секретарка на НАТО. Тоа би била премиера за воениот сојуз. Но, како функционира изборот на кандидати?

Во октомври највисокото дипломатско место во НАТО ќе биде испразнето. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е на функција од 2014 година, минатиот февруари преку својата портпаролка објави дека нема намера да го продолжи договорот со НАТО.

Од објавата на Столтенберг, во седиштето на НАТО во Брисел почнаа шпекулациите: кој ќе биде 14. генерален секретар на Алијансата? Или подобро: генерална секретарка? Затоа што првата жена на оваа позиција би била добредојдена. Речиси половина од 30-те амбасадори на НАТО дискретно ги вметнаа своите кандидати во игра. Но, да одиме по ред.

Што се бара од секретарот на НАТО?

Тој или таа мора да ги држи земјите-членки заедно, да ги балансира интересите, да промовира консензус меѓу 30-те членки, без разлика дали заканите за политичката кохезија доаѓаат од Трамп или Путин. Потребни се дипломатски вештини и лојалност кон сојузот.

Генералниот секретар или секретарка нема овластување да носи политички одлуки. Тој или таа само формално претседава со Северноатлантскиот совет, највисокото тело за одлучување. Ова важи и за воените овластувања. Тој или таа го претставува НАТО и надворешно, пред другите влади и печатот.

Идниот човек на таа позиција мора да ја има функцијата шеф на држава или влада во својата биографија. Мора да знае течно англиски, пожелно е и француски.

Кои критериуми играат улога?

Личноста мора да биде во добри односи со Вашингтон. На крајот, клучот е САД, иако генералниот секретар традиционално е Европеец. САД обезбедуваат Врховен командант на силите на НАТО (SACEUR), што е поважна функција во воениот сојуз.

Сите 30 влади мора да прифатат нов генерален секретар со консензус. Затоа се важни регионалните интереси, потеклото и политичката заднина, како и воената тежина и дипломатското значење на земјата на потекло.

На пример, во овој момент би било незамисливо некој од Турција да дојде на таа позиција поради приговорите што ги има претседателот Реџеп Тајип Ердоган за приемот на Шведска. Спротивно на тоа, тешко е да се замисли Турција да одобри некој од Финска.

Но, кога се работи за претходните 13 лица, постоеја сите можни варијации. Не секогаш беа исполнети сите критериуми. Единствениот германски генерален секретар на НАТО, Манфред Вернер (на функцијата од 1988 до 1994 година), никогаш, на пример, не бил шеф на владата, туку само министер за одбрана. Ова исто така важи и за повеќето други носители на функции. Првиот генерален секретар на НАТО, британскиот лорд Хестингс Исмеј, претходно беше само државен секретар. Но затоа имал чин генерал.

Како функционира процесот на селекција?

Ништо не е формално дефинирано. Нема официјална комисија за избор. Дипломатите преговараат тајно за своите влади додека не се постигне консензус. Нема формално гласање.

И кога се ќе заврши, шефовите на држави или влади од земјите-членки на Алијансата го најавуваат новото име на самитот. Следниот самит на кој тоа би можело да се случи е во Вилнус, Литванија, на 11 јули.

Кој е во игра?

Поради актуелната закана од Русија, еден дипломат на НАТО, кој не сака да биде именуван, смета на жена од балтичките земји. Предвид доаѓаат актуелната премиерка на Естонија Каја Калас или премиерката на Литванија Ингрида Симонита.

Жена од една од државите на источното крило сигурно би ја добила поддршката и од Полска, чие воено значење во НАТО расте. Се споменува и Зузана Чапутова, претседателката на Словачка, земја која има директна граница со нападната Украина. Нејзината номинација може да се толкува како чин на солидарност.

Но, југоисточното крило на НАТО исто така има кандидат: Клаус Јоханис, претседател на Романија, земја од стратешко значење за НАТО поради нејзината позиција на Црното Море.

На југот, Италија, наводно, го препорачала Марио Драги, поранешниот премиер - само за да го нагласи правото на јужните жители на оваа функција.

Се вели дека и Велика Британија има амбиции, бидејќи сака повторно да стане повидлива на меѓународно ниво по Брегзит. Кандидатот би можел да биде поранешната премиерка Тереза ​​Меј - што е тешко да се замисли за многу политичари од ЕУ кои со години се бореа со неа за договорот за Брегзит.

Одредени шанси има и канадската министерка за финансии Кристиа Фриланд. Таа е внука на украински имигранти. Во Канада, нејзиното потекло беше предмет на жестока дебата, бидејќи руските пропагандни медиуми ги истакнаа наводните врски на нејзиниот дедо со нацистите за време на Втората светска војна. На крајот, руските дипломати беа протерани од Канада, бидејќи сакаа да го нарушат угледот на Кристиа Фриланд. Нејзиниот главен проблем е што не е Европејка. Под знак прашалник е дали европските земји од НАТО би се откажале од функцијата на која традиционално имаат право. Сепак, како што пишува „Вашингтон пост“, Канаѓанката наводно има поддршка од САД.

Столтенберг уште една година?

Во ходниците на седиштето на НАТО во Брисел може да се слушне и гласина дека Јенс Столтенберг би можел да остане, бидејќи во моменталната воена ситуација таму не сакаат да се занимаваат со кадровски прашања.

Можно е Столтенберг да го продолжи договорот до април 2024. Тогаш НАТО ќе наполни 75 години, што ќе се прослави на самитот во Вашингтон. Ова го поткрепува и фактот што позицијата што првично ја посакуваше Столтенберг - да биде шеф на централната банка на Норвешка - во моментов е и онака зафатена.

Затоа, потрагата ќе потрае некое време. Германскиот медиум посочува дека имињата кои на почетокот често се споменуваат во јавноста, на крајот испаѓаат од игра. Ова е уште едно чудно, непишано правило при изборот на кадри. Затоа се можни изненадувања. ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан