Кошта учествува на Самитот на Арапската лига во Каиро посветен на Газа
- Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска ќе престојува во Каиро, каде ќе учествува на вонредниот самит на Лигата на арапските држави посветен на најновиот развој на настаните во Појасот Газа.

Брисел, 3 март 2025 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска ќе престојува во Каиро, каде ќе учествува на вонредниот самит на Лигата на арапските држави посветен на најновиот развој на настаните во Појасот Газа.
Како што соопшти Европскиот совет, учесниците на Самитот ќе се фокусираат на плановите за безбедно враќање на палестинските цивили во нивните домови во Појасот Газа и неговата обнова и идно управување, по постигнатиот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
- Претседателот (Кошта) ќе ја искористи оваа можност дополнително да ја повтори посветеноста на ЕУ за сеопфатен, праведен и траен мир во регионот, базиран на решението за две држави во согласност со релевантните резолуции на ОН, врз основа на кое Израел и Палестина би опстојувале една покрај друга во мир и во безбедни и признати граници, се наведува во соопштението.
Во пресрет на заминувањето за Каиро, Кошта порача дека неговата посета е со цел да нагласи дека ЕУ ќе биде присутна во регионот и „ден потоа“, за да работи со партнерите за траен и одржлив мир заснован на решението за две држави.
- Ќе ги поддржиме напорите за брзо закрепнување и обнова на Газа како суштински дел од идната палестинска држава, во согласност со резолуциите на ОН и меѓународното право, додаде Кошта.
Инаку, покрај учеството на Самитот на Арапската лига, предвидено е Кошта да има и серија билатерални средби со лидери од регионот присутни на собирот. сп/
Фото: МИА Архива